Почина Есма Реџепова

Светски познатата пејачка на ромска музика Есма Реџепова утрово почина во Скопје, потврдиле за порталот СДК членови на семејството. Таа пред две недели беше примена во една болница во Скопје во тешка состојба.

Есма е носител на титулата Национален уметник на РМ од 2013, а на 30 октомври годинава во Торонто беше промовирана монографија за нејзината 55-годишна кариера. Монографијата е посветена на Есма, на нејзиниот покоен сопруг Стево Теодосиевски и ансамблот „Теодосиевски“ и на сите генерации музичари што тие ги одгледале.

Годинава Есма имаше бројни настапи меѓу кои најистакнати беа оние во Конгресната библиотека и Кенеди центарот во Вашингтон во рамките на турнејата низ САД, а на крајот на август пееше и на хуманитарниот концерт за поплавените во скопско.

Есма Реџепова беше и политички активна. Таа беше долгогодишен советник во Град Скопје, првин како претставник на Демократска Алтернатива, а последните години на ВМРО ДПМНЕ.