Почина Словенецот чие мачење беше објавено на Фејсбук

26 годишното момче чие мачење и претепување беше објавено на Фејсбук, почина во Клиничкиот центар во Љубљана. Двајцата Словенци кои го сториле делото се приведени и ќе одговараат за убиство со умисла.

Имено, како што објавивме, двајца млади Словенци со часови мачеле друго младо момче на 26 годишна возраст, а видео-снимката ја ставиле на Фејсбук. Видеото било прегледано од 232.000 корисници, дури потоа интервенирала полицијата и на нејзино барање е отстранета од ФБ.

 Насилството се случило измината ноќ, а со помош на видеото, кое било анонимно пријавено во полиција, било лоцирано местото на мачење.

Жртвата е пронајдена утрово околу 4 часот оставена на ливада во тешка здравствена состојба.

Мачениот беше итно  префрлен во болница првин во Ново Место, а потоа во Љубљана, каде лекарите цел ден се бореа за неговиот живот. Напаѓачите се уапсени, а мотивите се уште се истражуваат, но јасно е само тоа дека се познавале со жртвата.

Криминолог  Драган Петровец од љубљанскиот Правен факултет ги окарактеризирал напаѓачите како студени психопати, кои само во еден момент на раздразнетост може да реагираат многу насилно.

Но, во Словенија владее голема загриженост затоа што и покрај огромната гледаност на видеото за кусо време,  забележана е само една анонимна пријава во полиција дека постои такво видео на ФБ. Уште повеќе, што видеото собрало голем број лајкови и коментари кои не биле осуда на насилството.