Почитувана Европо!

Пишува: проф.д-р. Катерина Тодороска

            (Вистината, врти, врти, па ќе излезе)

            Вообичајувам, без огради, да говорам без персирање, а со оглед на фактот што со триесетина години те слушам и се обидувам да те разберам, мислам дека заслужувам да бидам еднаш слушната и јас. Муабет, како меѓу пријатели.

Со многу напори, по тридецениско поддржување на непринципиени опструкции од страна на Грција кон Република Македонија, Европо, нѐ присили да си го смениме името на државата. Во секоја книга за демократија таквите притосоци врз една држава или народ се дефинираат како варваризам, но за Грција тоа не важеше. Оти, нели, таа е „лулка на демократијата“. Но, нејсе. Под твој притисок, го сменивме името верувајќи дека ЗБОРОТ Е ЗБОР и дека и ти, Европо ќе си го одржиш зборот дека македонската држава никогаш повеќе нема да биде условувана или уценувана со ништо повеќе на патот кон пристапување во НАТО и европското семејство.

            Да, станавме членка на НАТО, за што и НАТО имаше полза оти си заокружи една целина на Балканот за да нема главоболки.

Но.

            Уште еднаш посведочивме Европо, дека кај тебе ЗБОРОТ НЕ Е ЗБОР кога се работи за државите – членки на Европската Унија.

            Овој пат, факелот на уцените и понижувачките барања кон македонската држава го презеде Бугарија. Од кај добрососедите од исток сега искристализираа три спорни точки за отпочнување на преговорите на Македонија со ЕУ.

            Нив ни ги соопшти минисерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева.

            По ред.

            „Првата е користењето на името Република Северна Македонија во документот на ЕУ. Софија досега инсистираше да се користи само целосното име, толкувајќи дека кратката верзија „Северна Македонија“ може да упатува на територијални претензии кон бугарска територија. Македонската страна од претходно изрази подготвеност на компромис по ова прашање“. (Скопје и Софија се приближуваат до договор, 3.11.2020, https://www.dw.com/mk).       

            Во случајов, бугарската министерка Захариева ја превидела основаната компонента за секоја држава, а тоа е никогаш да не се сомнева во територијалниот интегритет на својата држава. Познато е и од општата, но и од националните истории дека само доколку некоја држава има сомнеж во сопствената способност да ги штити државните прерогативи, а овде е територијалната целост на државата, тогаш бараат дополнителни потврди дека нивната територија е нивна и никој друг не полага право на неа.

            Почитувана Европо, во македонска богата традиција постојат изрази кои сликовито објаснуваат нечие однесување. А ние, Македонците ваквото бугарска спорна точка би ја подвеле под народната „Кој си ја има мувата на капата, тој вика иш“.

            Еве и зошто. Многупати е спорено што значат државни, а што етнички граници. Кога станува збор за периодот на Османлиската империја, ние, како Македонци многупати сме го гледале картите на Балканот изработени од истражувачи од тогашните, Големи сили. Според нив, македонската етничка територија зафаќала сериозна територја на Балканот, а во овој случај ја презентирам оригиналната која е дел од Договорот во Букурешт , паралелно со онаа карта од времето на Лондонскиот мировен договор.

Имено, секако знаеш дека во 1913 година, од територијата од Лондон (30. Мај 1913) во Букурешт (10. Август 1913), на зелената маса биле исцртани нови граници на Балканот, по принципот на потреба за интересни сфери. Тогаш, на Бугарија ѝ бил подарен пиринскиот дел со 6798 км2 од македонската територија.

            Почитувана Европо, првата спорна точна на Европјаните од нашата источна страна се однесува на македонскиот дел кој со век и кусур е во нивно владеење. Тоа значи, дека и по век и кусур тие не се сигурни дека таа територија е бугарска, оти територијата е онаа која ја одредува населението. А ќе признаеш Европо, не постои поголем страв од вистината.Затоа ним им требаш ти, како гарант за да потврдиш нешто за што секоја нормална држава во 21. век, не би размислувала.

            “Втората и најпроблематична точка е употребата на терминот „македонски јазик“ во документите на ЕУ. Софија во тој дел инсистира да се користи исклучиво терминот „согласно Уставот на Северна Македонија“. Захариева денеска кажа дека има напредок и по ова прашање, без да елаборира. Позицијата на Софија е или да остане описниот термин на јазикот или С. Македонија да ги признае „бугарските корени“ на својот јазик, а тој понатаму да се нарекува македонски.“ (Скопје и Софија се приближуваат до договор, 3. 11. 2020, https://www.dw.com/mk). Фактот што не сум јазичар, а еднаш веќе се обративме до членките на Европската унија, во ова мое писмо ќе те замолам да го прочиташ нашето обраќање уште еднаш. Или можеби тебе не ти било испратено, ама убаво е да видиш кој и за што се обидува да те измамува. Повели: Отворено писмо до странските амбасади по повод негаторската политика на Бугарија кон Македонија ( www.ako.mk  од 15. Октомври 2019).

            „Третото проблематично прашање е македонското малцинство во Бугарија кое Захариева денеска го поврза и со незадоволството во Бугарија од непочитувањето на Договорот за пријателство, притоа наведувајќи и нови аргументи во таа насока како: блокирањето на инфраструктурни проекти на Коридорот 8 од македонска страна и блокада на бугарски инвестиции во земјата.

…‘Сакам гаранции и јасен план за исполнување на договорот. Јасно декларирање во преговарачката рамка дека нема да се поддржуваат малцински претензии“, рече Захариева по враќањето од Берлин“.(Скопје и Софија се приближуваат до договор, 3.11.2020, https://www.dw.com/mk).      

 Ова, почитувана Европо, е не третата, туку првата точка, ова е основата на бугарското аздисување и причината за уцените кои ги трпиме, ние Македонците, од твојата членка.

Ќе ти кажам како ова ми звучи мене. Најпросто. Според Бугарија, таму нема македонско малцинство и логично би било Македонците да не ги интересира малцинската политика на Бугарија. Ама, пусто вистината пак ги копка, оти Македонци во Бугарија имало, има и ќе има.

Да те потсетам Европо, на муабетот пред малку. Со спомнатот Букурешки договор во пиринскиот дел од Бугарија, останало да живее македонското население.

И, тоа не е сѐ.

            По завршувањето на Првата светска војна, Нејски мировен договор потишан на 27 ноември 1919 година во Неј на Сена во близина на Париз, а Договорот стапил во сила на 9 септември 1920 година. Меѓу другите точки во Договорот била предвидена и размена на население помеѓу Бугарија и Грција.

            Со оглед на фактот што во Егејска Македонија т.е. делот на Македонија кој ѝ бил подарен на Грција во Букутешт во 1913 година, живееле Македонци кои не можеле да ја трпат пресијата на грчката „демократија“, голем дел од нив заминале во Бугарија со верба дека таму ќе ги имаат човековите права од кои биле лишени во Грција. Тие биле расселени низ цела Бугарија, а наместо очекувањата за номален живот, биле подложени на нови репресии.

За периодот од Втората светска војна и по неа, си знаеш.

Македонците, од денот на исцртувањето на границата на денешна Бугарија, до денес се непоколебливи во своите македонски корени и ги бараат своите ОСНОВНИ, Европо, ОСНОВНИ човекови права како македонско малцинство во Бугарија. Постојат милиони документи за апсени, затворани, убивани Македонци во Бугарија само затоа што на некој начин го изразиле своето македонско национално чувство. Секако, не зборувам за оние кои за ќесе златници би ја продале и крвта на предците, но и мајчиното млеко.

Да, Европо. Македонци биле и сѐ уште се Македонци во Бугарија. И токму тие Македонци кои во 21 век во демократска Европа не смеат во државата во која живеат да имаат основни човекови права.

Нели, почитувана Европо на 7. Декември 2000 година имаш донесено ПОВЕЛБА НА ОСНОВНИТЕ ПРАВА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА (2000/C 364/01). https://www.healthrights.mk/pdf/Pravnici/Regionalni/20dokumenti/mehanizmi/za/zastita/na/coveкovite/prava/Evropska/Unija.pdf). Во неа пишуваш и за достоинство и за слобода и за екстрадиција. И во таквата Повелба, но и во другите документи кои си ги донела во име на честа и достоинството на секој човек, веруваат и Македонците од Бугарија.

Затоа тие многупати се обратиле до Европскиот суд кој по „петте нови случаи: ОМО Илинден против Бугарија (бр.2) (предмет број 34960/04), Сингартиски и другите против Бугарија (предмет број 48284/07), ОМО Илинден и Иванов против Бугарија бр.2 (предмет број 37586/04) и ОМО Илинден-Пирин и другите против Бугарија бр.2 (предмет број 41561/07 и 20972/08).

Во пресудата на Европскиот суд, донесена едногласно се вели дека имало три повреди на членот 11 на Европската конвенција за човекови права, со кој е гарантирана слободата на собирање и здружување, со тоа што Бугарија одбила да го регистрира здружението ОМО Илинден и што не дозволила одржување на голем број на мирни собири на поддржувачите на тоа здружение, исто како и собирите на сестринската организација ОМО Илинден-Пирин, како и нивните регистрации“. (https://www.dw.com/mk/Пресуда на Европскиот суд за ОМО Илинден -15470194).

Но, твојата членка, европејска Бугарија, НЕ ги почитува твоите институции во долга низа години.

Во 28 мај 2020 година ја чувме и оваа вест „Судот во Стразбур донесе пресуда во корист на Македонците во Бугарија.

Здружението на Македонци во Бугарија „Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија“ со седиште во Благоевград, го доби неколкугодишниот спор со Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, откако се жалеше дека Бугарија не сака да ги регистрира. 

Дополнително Бугарија ќе треба да плати и оштета во висина од 7, 5  илјади евра и тоа во рок од три месеци.“ (https://faktor.mk/strazbur–presudi-da-se-registrira-zdruzenie-na-makedoncite-vo-bugarija).

            Во однос на ова пресудиве и, ѓоамити, казниве кои Европскиот суд за човекови права ги носи, имам две забелешки. Првата ми е дека е понижувачки, за тебе почитувана Европо, некој од внатре да ти ги подрива темелите на правдата и правичноста, човековите права и слободи за кои ти толку многу се залагаш.  Или. Нели е малку неверојатно, за непочитувањето на твоите основни начела, самоволието на твој дел од семејството да биде казнет САМО со 7,5 илјади евра?

            Претпоставувам, би добила одговор дека одлуките на Европскиот суд се носат врз основа на зацртани прописи и во тоа верувам. Ама, не верувам дека тебе ти одговара некој од твоето семејство јасно и дрско да изјавува дека за него одлуките на твојата највисока институција за заштита на човековите права се неважни и за него необврзувачки. Дека ќе плати 7.5 илјади евра и толку.

            Почитувана Европо, доколку навистина твојата основа е демократијата, правото на секој човек да ги декларира своите чувства тогаш на членката да не ти ги поткопува темелите. Ќе ѝ објасниш дека на следниот ПОПИС во Бугарија, во графата за национална припадност треба да има можност секој да се изјасни како сака, а не да фризира податоци. А можеш и ти да испратиш твои набљудувачи на процесот на попишување на населението. Зошто да не, нели сте семејство?

            Има уште многу да ти пишувам, ама ќе се задржав и на еден „голем“ аргумент на Бугарија. Според нивните податоци, илјадници Македонци од Македонија поднеле барање за бугарско државјанство. И тоа е точно. И сега би следувало твоето прашање, зошто поднесуваат барања за бугарски пасош? Многумина бараа и добија бугарски пасоши со кои сега работат во европските држави, а не во Бугарија. Значи, ги зедоа за да им послужат како решение за безнадежната економска состојба, со која не можат да се изборат во Македонија, додека македонската држава чмае вон Европската Унија уценувани и понижувани од твои „демократи“. Бугарија тврди дека сите што имаат бугарско државјанство биле Бугари. Та, зарем Македонците со американски пасоши не се Македонци, или Албанците со македонски пасоши не се Албанци? Каков апсурд.

            Јас пак, вака би рекла. Ајде, почитувана Европо, искористи ги своите механизми и покажи го својот демократски капацитет. За почеток, Бугарија нека го признае РЕАЛНОТО македонско малцинство на својата територија, како што ги бара правата за Бугарите во Македонија и Албанија. Потоа, доколку Македонците сакаат политички да се ангажираат без поговор, во Бугарија да се регистрира политичка партија на Македонците, да не пречат бугарските „закони“ таа македонска партија во Бугарија да учествува на избори за бугарското Собрание и другите избори во бугарската држава. Секао, и за време на избори да не ја затворат границата со Македонија. И тогаш и ти, почитувана Европо, но и Бугарите и ние ќе видиме, дали „Бугарите“ со пасоши во Македонија се навистина Бугари или не.

            Се разбира, ова е само моја утопија. Верувам дека ако сакаше неселективно да ја примениш Повелбата од 7. Декември 2000 година, сигурно немаше член на твоето европско семејство да ти ги копа темелите.

            Со верба дека нема да успеат обидите за твое уништување, почитувана Европо, те поздравувам до следно муабетење.