Поштарите некогаш носеа новогодишни честитки, сега сметки и казни

Класичните новогодишни честитки  полека, но сигурно заминуваат во заборав!! Потсетете се колку  ни беа интересни деновите пред Нова година кога одевме во град, на плоштад, премрзнати,  но среќни, газејќи по снег уживавме во новогодишната приказна. Насекаде околу нас гледавме забрзани родители со пакетче в рака, итајќи дома да ги израдуваат најмилите. Плоштадите преполни со насмеани лица,тезги натрупани со новогодишни украси, а шареноликоста на амбиентот беше надополнета со бројните новогодишните честитки изложени пред нас.

Стоевме долго пред нив, размислувајќи која честитка за кого да ја купиме, кој да ги прими нашите најискрени желби, родителите,бабите и дедовците,другарчињата од училиште и од улица, нашите роднини. Ќе купевме новогодишни честитки со разни мотиви,ќе ги напишевме, а потоа ,,чичко поштар,, со долгиот сив мантил и капа побелена од снегулки тропаше на вратите на нашите најблиски или оставаше грст честитки пред вратите на нашите најблиски. Секако, и ние со нетрпение ги чекавме возвратните честитки и броевме од кого и колку сме добиле. А потоа ги чувавме до следната година.

15747613_10207957204864510_1208099621909713579_n15747578_10207957209104616_4414371951163686554_n

Но, со развојот на Интернетот, мобилните телефони и новите технологии за комуникација веќе и да ги нема новогодишните честитки со поштенски марки па старата традиција на честитање Нова година полека исчезнува.

-„За жал,традицијата замина во заборав, нема веќе полни торби со честитки, наместо тоа сега носиме само сметки за струја, парно, комуналии. Тогаш колку и да ни беа тешки торбите, уживавме во нашата работа, зашто знаевме дека на праг ќе не дочека весела насмевка на детенце кое очекува новогодишна честитка од најмилите,вака ни раскажуваат нашите соговорници,поштари.

– Пред многу години, во оние денови пред новогодишната ноќ,не можевме да седнеме да одмориме, честитки тежеа во торбите, кога одевме по улици нашиот товар од новогодишни желби тежеше и по дваесетина килограми, раскажува нашиот соговорник,поштар во пензија. Тој ни раскажа дека додека носел една торба со честитки во една улица, истиот ден веќе пристигнувале други преполни торби. Работел од рано изутрина до 17 часот попладне, малку ќе одморел, па продолжувал за да стаса навреме со нивна распределба. Сепак, раскажуваат тие, и покрај тоа што било напорно, големо задоволство им било да ги видат веселите и насмеани лица на оние кои што ги примале честитките.

Повозрасните жители со носталгија се сеќаваат на тој период. -„Јас сѐ уште ги чувам честитките што сум ги добивала, имам преполна кутија. Како мала најмногу им се радував на музичките, ама сега кога ги разгледувам, најубави ми се оние стари честитки со прекрасни цртежи кои повеќе ги нема, барем јас немам сретнато такви. Ми носат некое топло чувство и веднаш ме асоцираат на убава семејна атмосфера околу празниците“,вели една кавадарчанка.

-„Не сум којзнае колку стара, ама кога бевме помали, некаде до 4 одделение се сеќавам дека си остававме честитки на клупите. Неколку дена пред Нова година, со мајка ми ќе отидевме до книжарница или во поштата ќе бирав околу триесетина и ќе си дојдев дома и веднаш, време е за пишување“, раскажува друга.

-„Многу ми е мака што испраќањето новогодишни честитки полека изумира од година во година. Не се сеќавам кога последен пат сум купила и испратила новогодишна честитка. Колку само ми недостасува она време кога испраќавме честитки на сите школски другарчиња. Ги стававме во книгите скришно за да се изненадат другарчињата. Честитки, балони, украси и што не. Денес дури и не се чуствува претпразнична магија како некогаш“, раскажува наша соговорничка.

Свое мислење имаат и продавачите на новогодишни честитки. – „Слабо, многу слабо, едвај и да ги погледне некој овие малку честитки што ги имам на тезгава,размислувам дали воопшто и требаше да ги изнесам за продажба“ – коментира уличен продавач на честитки.

Чувството кога некој ќе ви подари или испрати по пошта новогодишна честитка или вие ќе подарите со искрени желби за новиот почеток, има некоја посебна магична еуфорија што не може да ја создаде виртуелната порака. За жал, новогодишните честитки се симбол на едно изминато време кога сите се радувавме на доаѓањето на поштарот. Со нетрпение и восхит очекувавме да ја видиме празничната атмосфера на парче хартија во која главната улога ја има Дедо Мраз. Обичајот на сјајна новогодишна честитка е пагански и потекнува уште од времето на древна Кина, кога желбите за добро здравје се разменувани во текот на пролетен фестивал, односно прослава на кинеска Нова година, а новогодишни графики ги украсувале домовите.

Билјана Н. Тошевски