Од 6.918 запишани гласачи во Избирачкиот список во Богданци, на гласање излегоа 4.231, што значи дека е премината границата од 50 проценти и референдумот е успешен. Од излезените гласачи, дури 98 проценти се изјасниле против изградба на рудникот Казандол.

Резултатите од гласањето на референдумот ќе се достават до општината, но тие не се обврзувачки, туку имаат само советодавно мислење за одредено прашање.

Наскоро за Казандол ќе се изјаснуваат и жителите на Дојран и Валандово.

Украинскиот инвеститор кој ја доби концесијата за овој рудник богат со бакарна руда, веќе една година работи на изградба на потребната инфраструктура. Тие гарантираат дека експлоатацијата на рудата ќе биде безбедна и за жителите и за околината. Како ќе се постапува натаму и дали референдумското изјаснување ќе има некакво влијание на понатамошната инвестиција во Казандол, не е познато.

Претходно на референдум излегоа  жителите на Гевгелија кои гласаа против отворање рудници на злато на планината Кожуф.