По дивеењето во дворот, црквата ,,Св.Софија“ доби обезбедување

По силните реакции во јавноста за недоличното однесување на младите во вечерните часови во предворјето на катедралната црква Св. Софија, како што пишува OhridNews, Дебарско – кичевската епархија ангажираше физичко обезбедување кое ноќе го чува ова свето место.

Неканетите гости зад себе оставаа купишта ѓубре не водејќи ни малку грижа за значењето на ова заштитено културно наследство од непроценлива вредност за православието во целиот свет.

Дебарско – кичевската епархија пред неколку години комплетно го уреди дворот и ја огради црквата Св. Софија со цел да ја заштити, што наиде на бурни реакции од локалните жители, а најмногу поради тоа што беше затворен преминот низ црквата од западната страна во вечерните часови. Случајот заврши на суд, по што портите од предворјето на Св. Софија повторно беа отворени постојано.

Но, слободата на движење ова лето им дојде преку глава на локалните жители кои секојдневно ја алармираа полицијата за непријатните случувања во предворјето на Св. Софија, што наметнува потреба таа соодветно да биде заштитена, пишува порталот ОхридЊуз.

Текстот е преземен од ohridnews.com