По преземањето на Тораница и Злетово, Минстрој го сака и Фени

Пишува: Билјана Тошевски

Ништо од ветувањата за големи рударски плати и до 1000 евра за работниците во Тораница ,ова се само дел од коментарите во кривопаланечката јавност по година и пол  од преземањето на рудникот од страна на бугарската компанија Минстрој со подружницата Булмак. Платите на рударите се движат од 20 до 35 илјади денари,производството е врзано со норма, а доколку не се исполни, се намалуваат и платите. Речиси пред еден месец имаше распишано и оглас за прием на нови работници, а договорите се потпишувале со почетна плата од 300 евра. Слична е состојбата и во рудникот Злетово, но работниците стравувајќи за своите работни места ,не сакаат јавно да коментираат за тоа, иако се незадоволни.

Договорот за двата рудника се финализираше на 6 јули 2016,  а бугарската компанијаа концесијата  ја доби во април.

За рестартирањето, „Минстрој“ во Македонија ја основаше фирмата „Булмак 2016“, која доби дозвола за експлоатација на олово и цинк. На електронската продажба „Минстрој“ за купување на објектите во двата рудника понуди 3,5 милиони евра. Веднаш потоа две компании една од Велика Британија и друга од Србија, кои беа дисквалификувани пред да почне наддавањето изразија сомнеж дека целата тендерска постапка е незаконска, за што поднесоа жалба. Од британската компанија „Минеко“, тогаш тврдеа дека Комисијата за спроведување на постапката за доделување на концесија на рудниците Тораница и Злетово незаконски ги елеминирала , дека имале комплетна документација но дека се обесправени и според претходно подготвено сценарио и затоа ја известиле и Британската амбасада.

Од таму рекоа дека со нивно елиминирање се намалила и конкуренцијата на тендерот а со тоа и можноста да се добие највисока понуда, на штета на државата. Тогаш  јавноста се разбранува со прашањата како се спровел тендерот и како бугарската компанија била најдобра за да го добие истиот,зошто се елимирани двете компании,дали била нарушена конкуренцијата и дали нивната дисквалификација е во согласност со Законот за доделување на концесии за ископ на минерални суровини?

Интересно во целиот случај е тоа што на првото рочиште,во стечајната постапка за рудниците Тораница и Добрево стечајната управничка информира дека Индоминерали на доверителите им должи 8,7 милиони евра, а подоцна со ликвидација Минстрој ги доби за 3,5 милиони евра,со што се отвора и прашањето ,што се случило со останатиот долг на доверителите.  Синдикатот побара да се прогласи стечај по пат на реорганизација, а не по пат на ликвидација , што сега се случува и со Фени.

Во постапката за стечај се отфрли предлогот за рестартирање на рудниците од страна на „ Lifestone Capital Limited dooel Skopje “застапник на американски инвестициски фонд.

За целата постапка околу двата рудника тогаш реагираа и самите работници кои обвинија дека свесно биле изманипулирани од стечајната судијка.

Ова  за Ако.мк ни го потврди и Маре Анчева од Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството,која рече дека како синдикат имале сериозни забелешки на постапката. Посочи дека работниците биле наведени да дадат полномоштво врз основа на кое биле ангажирани двајца адвокати да ги застапуваат нивните права, без тие да знаат за тоа.На едно од Собранијата на доверители ,адвокатите сакале да гласаат спротивно на интересите на работниците, но биле спречени во намерата од присутните работници и синдикалисти.Според Анчева, ликвидацијата на рудниците не било добро решение зашто работниците добиле многу мал дел од реалните побарувања.

– Со ликвидацијата, досега водените постапки во Македонија, завршиле и на штета на доверителите и на вработените, на страна и фактот што после тоа колкави се шансите да воскресне тој субјект,затоа ние сме се изјасниле против водење на споровите на тој начин. Во случајот Фени се појави доверител ГСОЛ кој 100 посто ги обештети доверителите што досега не се случило во ниту една фирма  кај нас. Сега на 4 јули е повторно рочиштето за планот за реоганизација и ако инвеститорот, швајцарската компанија,  ги откупила сите побарувања, тоа ќе го повлече планот за реорганизација. Затоа ние во среда очекуваме само да се формализира планот за реорганизација и Фени да продолжи со нормална работа, вели Анчева.

Во борба за контрола врз Фени се Енекод и Џи Сол, кој сега стопанисува со комбинатот, додека бугарски Минстрој сака да го купи и да го отвори рудникот Ржаново.