Четворица осомничени за убиството на тројца полицајци во Арачиново, во 2000 година,  се ослободени од обвинение и прогласени за невини. Во случајот беа обвинети седум лица, од кои тројца веќе се  починати, еден од нив беше убиен за време на апсењето во 2000 година.

Обвинетите, за време на истрагата поминаа 24 месеци во притвор, а потоа се бранеа од слобода.

Егзекуцијата на тројцата полицајци Кирил Петрушевски, Ацо Ангеловски и Ерол Готак, се случи на 11-ти јануари 2000 година.

за ова убиство им им се судеше на Лирим Динарица, Рамиз Асани, Муча Бајрами, Башким Асани, Агим Асани и Наим Асани, шестмината добија ослободителни пресуди поради немање докази, но Апелациониот суд по жалбата на Обвинителството ја укина првостепената пресуда.

На повторената постапка, Скопското обвинителство поднесе обвинителен акт и за уште едно лице, Емрула Емрулај, а постапката беше запрена за Агим Асани кој беше убиен пред Стоковната куќа „Илинден” во февруари 2007.

Според обвинението, шестемина во доцните часови од заседа ги застрелале полицајците Петрушевски, Ангеловски и инспекторот Готак, кои на влезот од селото учествувале во акција за пронаоѓање украдени луксузни автомобили. Тројцата полицајци беа изрешетани од автоматско оружје, а под сè уште мистериозни околности, како што сметаат застапниците на оштетените, четвртиот полицаец, инспекторот Горан Новковски, инаку клучниот сведок, односно оштетен во случајот –  остана жив.

Првообвинетиот Динарица во истражна постапка го призна делото и во детали го опиша настанот, но на судењето го смени исказот, велејќи дека признанието во истрагата го дал под присила.

Ако.мк

Фото: Фактор.мк