По 44 години на Детска Клиника, медицинската сестра Весна Алексиевска заминува во пензија

Одделенската сестра Весна Алексиевска, една од основачите на Интензивна нега и терапија на Детска Клиника, денеска заминува во заслужена пензија.

После 44 години, денеска последен пат ја облече униформата и последен пат ќе ги погали децата кои се борат за живот.

Оваа сестра ја паметат генерации лекари што работеле со неа, но и ја паметат родителите чии деца ги спасила, негувала и на раце здрави, им ги дала да си ги носат дома.

Вработените на одделението за интензивна нега, велат дека без вакви сестри како што е медицинската сестра Весна, се е различно. Весна остави неповторлив белег на оваа институција. Таа е жената која го остави животот на Интензивна, посветена на работата до максимум и до крај на работниот стаж, вака се поздравија некои од колегите на Весна, по социјалните медиуми.

Но, големите луѓе секогаш се скромни, па така Весна за себе вели дека таа само многу си ја сакала работата и децата.

„Професијата медицинска сестра е моја желба од малечка. Се вљубив во штирканата униформа и капа, што во тоа време ја носеа медицинските сестри. Професионално пораснав на одделенијата за хемато-онкологија за деца, а по отварањето на првата интензивна, мојот професионален живот се врзува за децата кои се борат за живот.

Признавам по толку борба малку се изморив, спасив многу деца, ги подигав како мои, па и плачев понекогаш, па дури понекогаш и викав од мака. Но, и кога повторно би одбирала професија, ќе бев медицинска сестра. Нема ништо поубаво од насмевката на едно дете, цел живот само тоа сакав“, вели сестра Весна.

На оваа неверојатна жена и професионалец, Кабинетот на министерот за здравство и министерот Венко Филипче и честитаат за досегашните професонални успеси, посакуваат уште долго да ужива во пензионерските денови и се надеваме дека нејзината посветеност и работа ќе бидат одличен патоказ за помладите колеги.

(Текстот е преземен од официјалната ФБ страница на Министерство за здравство. Пофалните зборови за медицинската сестра Весна Алексиевска се напишани од нејзините колеги)