По 50 години Општина Центар доби ново основно училиште ,,Киро Глигоров“

Новото современо основно училиште во Капиштец ќе го носи името на првиот Претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров.

,,J.X.Песталоци“ е последното училиште што било изградено во Општина Центар, дури во 1969 година, како донација на швајцарската Влада по катастрофалниот земјотрес. Иако со своите 12.000 жители е најголема населба во Центар, Капиштец немаше свое училиште.

Поради тоа, голем број деца се принудени да одат во училиштата што се наоѓаат далеку од населбата.

За да стигнат до најблиските училишта децата мораат да поминуваат повеќе сообраќајници, со што е загрозена нивната безбедност.

Со изградбата на новото основно училиште, конечно Капиштец доби своја модерна образовна установа за 500 ученици

При проектирањето се водело сметка училиштето да биде приспособено на новата образовна програма, во согласност со Законот за изградба на ваков тип образовни објекти. За секој ученик е планиран минимум простор од 5м², а во секоја паралелка да има од 25 до 28 ученици со што  се исполнети меѓународните стандарди.

Со идејното решение е обезбеден објект што ќе им овозможи пријатно школување на девет генерации на возраст од 6 до 15 години.

Целиот објект е изграден во армирано бетонски систем со кој се обезбедува исклучително високо ниво на сеизмичка заштита и максимална безбедност на учениците. Во објектот се вградени природните материјали што обезбедуваат здрава и сигурна средина за престој и за учење.

Кабинетите се опремени со најсовремени наставни помагала, интерактивни табли и таблет-компјутери.

Винилните подови се со антибактериски и антиалергени особини, погодни за поедноставно одржување и поголема хигиена.

Во целиот објект има топловодно подно греење со кое ќе се постигнуваат идеални температури во секоја просторија.

Енергетски ефикасната фасада ги спречува сончевите и другите негативни атмосферски влијанија, а флот-стаклата преставваат посебна заштита, кои истовремено обезбедуваат природна светлина во поголем дел од денот.

Првата генерација ученици во новото училиште ,,Киро Глигоров“ влегува во септември.