Правниот факултет ја доби судската битка за избор на декан

Со одлуката на Вишиот управен суд се поништени актите на Државниот просветен инспекторат и се отвора патот за реактивирање на изборот на декан од пред неполни две години – пишува Утрински весник.

Правниот факултет „Јустинијан Први“ ја доби судската битка со инспекциски служби, со што се отвори патот за избор на декан на најстарата правна високообразовна институција во државата. Со пресудата на Вишиот управен суд, која е конечна и извршна, се става крај на речиси двегодишната сага на Правниот факултет, бидејќи Судот утврди дека изборот на декан е спроведен во законска постапка. А со поништувањето на актите на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор, за кој Судот утврди дека излегол од своите овластувања, работите се враќаат на старо.

Тоа практично значи дека Судот пресече дека Правниот факултет можел автономно да спроведе постапка за избор на нов декан неколку месеци пред истекот на мандатот на стариот декан, професорот Борче Давитковски, кој си даде оставка. Со ова останува на сила и одлуката на Наставно-научниот совет од 1 јуни 2015 година, кога со тајно гласање за единствен кандидат за декан беше избран професорот Горан Коевски.

В.д. деканот на Правниот факултет, Сашо Георгиевски, чиј мандат истекува на 15 март оваа година, ни ја потврди веста за судската разврска, но не сакаше да навлегува во објаснувања што натаму.

Во телефонскиот разговор со поранешниот декан, Борче Давитковски, тој појаснил дека прашањето за избор на нов декан, а во контекст на судската пресуда било отворено и на завчерашната седница на Наставно-научниот совет.

„Со оглед на тоа што се поништени двете претходни одлуки на Државниот инспекторат со кои беше доведена во прашање легитимноста на постапката, со акламација е одлучено до ректорот да биде испратена на потврдување нашата одлука за избор на декан, со која професорот Коевски е предложен за единствен кандидат. Зад одлуката застанаа сите 63 присутни членови на Наставно-научниот совет“, вели Давитковски и додава дека во текот на вчерашниот ден одлуката е испратена до ректорот Никола Јанкуловски.

Но, она што е најинтересно во пресудата на Вишиот управен суд, пишува Утрински, е што тројцата судии што одлучувале (Анита Данилова, Лидија Георгиевска и Светлана Костова) не само што нашле дека понискиот суд постапил правилно и законски, туку и оти Инспекторатот излегол од своите овластувања и завлегол во автономијата на Универзитетот.

Целиот текст на:Утрински весник