Пратениците од СДСМ донираа за лекувањето на самохраната мајка Наташа Николовска

На иницијатива на претседателот на СДСМ Зоран Заев пратениците од целата коалиција донираа дел од своите плати за самохраната мајка  Наташа Николовска која пред неколку дена објави дека и е потребна помош за да може да ја плати операцијата на која мора да оди. Како што потврдуваат од СДСМ за нашиот портал, досега свои донации дале, покрај Заев, пратениците Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Стефан Богоев, Соња Мираковска , Горан Милевски и други од оваа коалиција.
 

Наташа Николовска (39) од Скопје, самохрана мајка која се грижи за својот 6 годишен син Марио,  побара помош од хуманите граѓани, за да се избори со тешката болест, рак на желудник. Болеста и била дијагностицирана на почетокот на април, а пред осум дена таа веќе се оперирала. Сумата која што и е потребна да го продолжи лекувањето со озонска терапија изнесува 12.000 евра, и храбрата мајка верува дека хуманоста на нашиот народ ќе и помогне да ја победи болеста и да го израсне своето дете. Иако се уште е во болница, каде што прима терапија, таа за некои медиуми ја раскажа својата приказна:

,,Кога заврши 2016 година, мислев дека ја затворив најтешката врата зад себе. Таа година го изгубив сопругот, имаше само 43 години, го покоси разорен инфаркт. Ми се урна светот, имавме убав живот, среќен брак, љубов… Се обидов да продолжам понатаму, ја насочив целата моја љубов и енергија кон синчето Марио. Но, не било така. Најтешката врата не беше затворена… На почетокот на април, на денот на мојот роденден ја дознав дијагнозата – рак на желудникот. Неверување, шок…  Цврсто сум убедена дека ова ќе остане зад нас, имам сили да се борам, тврдам дека ќе излезам како победник! Моето дете нема ниту полни шест години, јас морам да бидам тука за него, на есен да го испратам на училиште. Токму затоа апелирам до јавноста, до секој кој што може да ми помогне да го продолжам лекувањето, да даде свој скромен придонес на телефоните за донации’’ – повика Наташа.