Оперската певица, првенка на Македонска опера и балет, Славица Галиќ Петровска, вчера во рамки на манифестацијата Бели ноќи, одбележа 40 години кариера.

Таа воедно се пензионираше во својата матична куќа, МОБ, а токму ова побуди силни емоции кај нејзините колеги и студенти кои упатија пораки и честитки.

,,Драга моја Славица! 40 години на сцена воопшто не е мала бројка, а гласот те држи мајку му! И не си за мене пензионирана!!! Да си знаеш. Биди ми таква секогаш, многу сме работеле, сме патувале, па и спротиставени мислења сме имале, но секогаш сме и ќе си останеме да се почитуваме. Вечерашниот концерт ме стопли во секоја смисла. Браво за сите учесници!VIVA LA MUSICA“-напиша нејзинта колешка, Весна Илкова Гиновска.

На сцената на МОБ со Галиќ Петровска настапија нејзини помлади колеги и студенти.

Славица Петровска Галиќ е првенка на операта при МОБ, магистeр по соло пеење, концертен пејач и професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Дипломирал во класата на професор Коста Трпков. Магистерските студии ги започнла во класата на примадона Радмила Бакочевиќ во Белград, а ги завршила во класата на професор Милка Ефтимова во Скопје. Својата специјализација ја остварила на конзерваториумот „Римски Корсаков“ во Санкт Петербург, каде ја изучувала руската музика и вокална техника во класата на професор Татјана Николаевна- Лаврова. За време на специјализацијата е ангажирана во театарот „Рубинштајн” каде што аудиционата комисија и доделила две улоги: Виолета во „Травијата” и Розина во „Севилскиот берберин“. Врз основа на аудиционата претстава „Травијата” од 1986 година, е во постојан ангажман во операта при МОБ.

На нејзиниот репертоар се наоѓаат улогите: Адина во „Љубовниот напиток”, Хана Главари во „Веселата вдовица”, Оскар во „Бал под маски”, Неда во „Палјачи”, Мизета во „Боеми”, Розина во „Севилскиот берберин”, Џилда во „Риголето”, Виолета во „Травијата” и други. Меѓу нејзините најуспешни концертни солистички настапи можат да се издвојат „Вечер на руска музика“ и „Вечер на германски романтичари“.

Славица Петровска Галиќ особено го негува камерното пеење и член е во камерното трио „Скопје”. Меѓу највисоките награди и признанијата кои ги добила се вбројуваат: наградата „11-ти Октомври” , наградата „Златна Лира” за животно дело, наградата и „13 Ноември“ од страна на градот Скопје.

Од 2007 година Славица Петровска Галиќ е вонреден професор по соло пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје.