Првиот заменик(Артан Груби), но и другите заменици ќе го менуваат Заев во негово отсуство

На својата втора седница, што се одржа вчера, членовите на Владата ги прифатија измените и дополнувањата на Деловникот за работа на Владата.

Една од измените се однесува на прецизирање на надлежностите на Првиот заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политички прашања на ресорите.

Тоа е Артан Груби од ДУИ. Неговата функција беше предмет на договор за коалицирањето меѓу СДСМ и ДУИ и компензација за барањето на ДУИ за премиер Албанец, ветување кое го испорачаа во текот на кампањата за изборите, но кое беше јасно нема да можат да го реализираат.

Според новиот Деловник, предвидено е, Претседателот на Владата да го заменува Првиот заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политички прашања на ресорите, а во случај на негово отсуство или спреченост(на Првиот заменик), тогаш Претседателот на Владата го заменува еден од неговите заменици што тој ќе го определи.

Според дополнувањата,  на Претседателот на Владата во вршењето на неговите права и должности му помагаат Првиот заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политички прашања на ресорите и  замениците на Претседателот на Владата.

Првиот заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политички прашања на ресорите и замениците на Претседателот на Владата се грижат за извршување на работите од надлежност на Владата по одделни прашања за кои ќе ги овласти Претседателот на Владата.

Првиот заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политички прашања на ресорите и  замениците на Претседателот на Владата го известуваат Претседателот на Владата за извршување и спроведување на работите.

Измените и дополнувањата се однесуваат и на подготвувањето и доставувањето на  материјалите за разгледување на седниците на Владата, нивното разгледување и процесот на нивно утврдување.