Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев заедно со министрите задолжени за економските ресори Фатмир Битиќи – заменик на премиерот задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши – министер за економија, Арјанит Хоџа – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Јагода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Насер Нуредини – министер за животна средина и просторно планирање и Венко Филипче – министер за здравство, денеска, на првиот ден од својот мандат, имаа средба со претставниците на стопанските комори во земјата.

Денеска ја испративме пораката пред деловните луѓе за предвидливост во периодот што претстои, најавуваме стабилен период без предвремени парламентарни избори, четири годишен период кој е многу значаен за домашната економија која ќе може да планира динамичен раст и развој, идни инвестициони и нови економски активности на бизнис секторот.

Следува стабилна даночна политика, даноците остануваат стабилни во државата, но при евентуална промена на некоја од даноците, а пред сè мислам на намалувањето на даноците, секогаш на било која промена во иднина ќе имаме период на дискусија, дебата и разговори и период за подготовка на македонската економија-рече премиерот Заев.