Во финална фаза е подготовката на ребалансот на Буџетот кој ќе даде поддршка на капиталните проекти и на новите мерки за повисоки плати и за подобри услуги за граѓаните, објави премиерот Заев.

,,Драго ми е што се зголемува и бројот на жени во Владата на Република Северна Македонија. Продолжуваме со поддршката на родовата еднаквост и јакнење на влијанието на жените врз политичките случувања во државава. Министерката Нина Ангеловска и заменичката Ширет Елези ја имаат мојата целосна поддршка да управуваат со државната каса следејќи го интересот на граѓаните“-објави премиерот Заев.

Нина Ангеловска вчера и официјално ја презеде должноста Министер за финансии.

Министерката оствари средба со заменик-министерката за финансии Ширет Елези и со државниот секретар Јулијана Петановска, на која беа дискутирани тековните активности на Министерството за финансии.

Ангеловска на позицијата министер за финансии доаѓа од приватниот сектор. Таа е основач на „Групер“, компанија за е-трговија. Ангеловска докторирала менаџмент на Економскиот факултет во Скопје. Има бројни домашни и странски признанија. Германскиот магазин „The Hundert“ ја вбројува во листата на 100 успешни жени основачи  на старт-апи, а магазинот „Forbes“ ја наградува со признанието „30 под 30“ за Европа во категоријата малопродажба и е-трговија. Во 2017 година Ангеловска го иницира основањето на првата Асоцијација за е-трговија и станува нејзин претседател. Од 2018 година Ангеловска е член на УО на Европската асоцијација за е-трговија ЕМОТА. Во 2019 година таа станува и член на УО на Стопанската комора на Македонија.