Првиот снег на места формираше снежна покривка

Првиот снег во оваа зима од синоќа ја побеле и Крива Паланка и формираше снежна покривка од 15 сантиметри. На него најмногу му се израдуваа најмладите жители на градот, а снегулките не им пречеа ниту на постарите.

Снегот од синоќа стана погуст во текот на претпаднето, покривајќи ги покривите, улиците,парковите и патиштата. Многумина излегоа од своите работни места, домови за да ги доживеат првите снегулки и да ја фотографираат оваа убавина со мобилните телефони.

– „Мене навистина ми е супер,одлично се чувствувам.Утрово кога станав за на работа бев изненаден од белата снежна покривка“,коментира жител на Крива Паланка.

-„Време му е и очекувано е за овој перод.Среќен сум што можам да уживам во белината околу мене, а особено во зимската идила на планината околу нас“,вели жител на градот.

Некогашните долги и студени зими неколку години назад ги нема во овој град кога снегот знаеше буквално да затрупа,со висина од над половина метар и кога радоста на децата со санките траеше со недели. Времето во Крива Паланка е пријатно и идеално за прошетка. Проблеми на патиштата се уште нема, но сепак се препорачува на внимателност,особено на планинските патни прваци.

Магла нема, а поради мразот и ниските температури на сите влажни коловози може да дојде до замрзнување.Се потсетуваат возачите на задолжителната употреба на зимска опрема.

Во 12:05 часот денеска е укината забраната за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Ресен – Битола преку планинскиот превој Ѓавато, но се препорачува задолжителна употреба на зимска опрема, информираат од Диспечерскиот центар на ЈП „Македонија пат“.Според нив, сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, на повисоките места наместа со остатоци од кашест снег по интервенција на дежурните екипи на „Македонија пат“.

Снежна покривка од 10 сантиметри е формирана на Маврово, Крушево и Берово 4, Пожаране 3, Претор, Лазарополе 2 и еден сантиметар снежна покривка формирана е во Демир Капија, Штип, Виница, Тополчани и Ѓуриште.

Најниска температура утрово е измерена во Маврово -10 степени, -7 во Крушево, -6 во Лазарополе, -4 во Берово, -2 во Крива Паланка, Прилеп, Виница, Охрид и Дебар, -1 во Тетово, Битола и Претор, 0 во Штип и Скопје, 1 во Струмица, Демир Капија, 2 во Дојран и 3 во Гевгелија.

Во наредните денови ќе следува стабилно време со постепен пораст на дневната температурата, но во среда и четврток утрата ќе биде многу студено со температури од -10 до -4 степени, предвидуваат од УХМР.

Билјана Н.Тошевски