Предадено барањето за ревизија на пресудата по тужбата Б и Х против Србија

Правниот застапник на Босна и Херцеговина во име на Бакир Изетебговиќ, кој е еден од членовите на Претседателството на оваа земја, во Меѓународниот суд во Хаг го предаде барањето за ревизија на пресудата по тужбата на Б и Х против Србија. Имено пред десет години Меѓународниот суд не ја уважи тужбата и донесе пресуда во корист на Србија дека таа земја не учествувала во извршување на геноцид во Б и Х за време на крвавата граѓанска војна во првата половина на деведесетите години на минатиот век.

Барањето е поднесено без согласност на другите членови на босанско-херцеговското претседателство, српскиот и хрватскиот член.

Акцијата за ревизија покрената од Изетебеговиќ е предмет на осуда внатре во Б и Х и во Србија, а српскиот премиер Вучиќ, како и претседателот Николиќ ова го третираат како сериозна причина за дестабилизација на регионот и влошување на меѓусебните односи.

Претседателот на Република Српска Милорад Додик изјави дека Изетбеговиќ со поднесување на барањето за ревизија на тужбата одлучил да направи тотална криза и фрлил разорно средство врз институциите на Б и Х.

Барањето за ревизија е поднесено само неколку дена пред истекот на законскиот рок, кој е на 26 фебруари кога се навршуваат десет години од донесување на пресудата.