Предизборно:Зголемување на пензиите за 700-900 денари, на лекарите специјалисти платите растат за 25 насто…

Премиерот Зоран Заев на денешната заедничка прес конференција со министерката за финансии, најави зголемување на пензиите од јануари за 850-900 денари.

Тој рече дека е ова најголемо зголемување на пензиите во историјата на Македонија.

Од 1 јануари следната година, пензиите за сите корисници за 2020 година ќе се зголемат од 850 до 900 денари, поради растот на минималната плата и просечната плата.

– Од 700 до 730 денари се зголемуваат пензиите до крајот на годината. Со индексацијата ќе има дополнителни 120 до 130 денари. Или вкупно меѓу 850 и 900 денари – поради растот на минималната и просечните плати. Минималната пензија е за жал се’ уште 8 940 денари, а просечната пензија е околју 14 илјади денари- рече Заев.

Вчера, министерот Филипче објави дека платите на лекарите специјалисти се зголемуваат за 25%, а на медицинските сестри за 10%. Кумулативно заедно со сите други зголемувања од 2018 година наваму, основната плата на лекарот специјалист ја зголемивме за 40%, а на медицинските сестри меѓу 20 и 23%, изјави министерот за здравство доц. д-е Венко Филипче по средбата со претседателите на гранковите синдикати, Љубиша Каранфиловски и на синдикатот на Клиничкиот Центар Горан Беговиќ.

Филипче изрази благодарност до синдикатите за нивната контруктивност, но и до лекарите специјалисти, членови на синдикатот, меѓутоа и до сите јавни здравствени установи, коишто се согласија да се намали процентот на нивното зголемување за да се зголеми процентот на зголемување на платите на медицинските сестри.

-Според договореното платата на лекар специјалист наставник или обичен специјалист, во Клиничкиот центар на хируршките клиники и на Интерните клиники, ќе достигне, но на некои и ќе надмине 100.000 денари. Просекот на платата на лекар специјалист во општите болници ќе биде некаде меѓу 85 и 88.000 денари, заедно со дежурствата и согласно бројот на дежурствата, може многу лесно да достигне и до 100.000 денари. Дозволете да кажам и дека нема да ги оставиме ниту заборавиме сите тие кои досега не добија зголемување. Тука мислам на болничко-техничкиот персонал којшто, исто така е во тимот, администрацијата која работи во здравството ќе биде предмет на дискусија, во текот на следната година. Остануваме доследни на сите наши ветувања, веруваме дека со оваа мерка го враќаме достоинството на здравствените работници. И натаму ќе продолжиме да работиме, не само во однос на зголемување на платите, туку и за подобрување на условите во коишто работи здравствениот персонал, затоа што само задоволни од системот и добро стимулирани финансиски здравствени работници, значи задоволни и добро третирани пациенти, додаде Филипче по средбата.