Предизборно делени решенија за туѓа нега, социјална помош и пари на рака

 

Министерката за труд и социјална политика  Фросина Ташевска-Ременски објави дека по извршените надзори врз работата на Центар за социјални работи во Струмица, Домот за стари лица во Прилеп и увид на лице место во домови на корисници на социјална помош во месноста викана Баир во Битола и с. Криволак Неготинско,  констатирани се злоупотреби на службената положба од страна на дел од вработените.

Директорите  ги посетувале корисниците во својство на претставници на политичка партија и вршеле дејствија кои се строго забранети и санкционирани со одредбите од Законот за социјална заштита, Изборниот законик, Законот за спречување на корупцијата и писмените наредби на министерот за воздржување од секаков вид на употреба и злоупотреба на корисниците на социјална помош во политички цели – рече  Ташевска-Ременски.

Во записниците  се констатира дека ЦСР Струмица раководен од директор со неисполнета законска обврска за склучување на менаџерски договор со министерот, со зголемена динамика во текот на еден месец изготвил повеќе од 198 решенија за право на помош и нега од друго лице. Од прегледаните 55 досијеа по случаен избор констатирано е дека, сите решенија се изготвени спротивно на роковите предвидени во Законот за управната постапка, а 34 решенија се изготвени на денот кога се забранува предизборното делење на решенија наведени во наредбата од министерот.

,,Имаме основани сомненија кои ќе ги потврдиме со инспекциски надзор дека, истата пракса се случува и во Куманово со изготвени 239 ременија за туѓа нега, Тетово со 330 решенија за туѓа нега, Кисела Вода со 172 решенија, карпош со  120 решенија, Чаир со 164 решенија, Гази Баба со 145 решенија и други”, рече министерката.

Во Битола при посетата на корисници на социјална помош кои пријавиле партиска активност на политичка партија записнички е констатирано дека активистка од политичка партија делела пари на рака како „подарок“ како противуслуга за глас на изборите и било барано од истите да се потпишуваат на список дека примиле пари.

,,Исто така, констатирано е дека на 3 декември повеќе екипи од политичка партија во ромското маало во Битола на мештаните им нуделе 400 денари, а како противуслуга ги фотографирале со нивните лични карти како ги држат во рака. Покрај овие записнички констатирани факти се укажува на констатнтно и засилено заканување со укинување на социјалната помош доколку не се гласа за политичка партија”, рече министерката Ташевска-Ременски.

Таа информираше дека во с. Криволак, Неготинско записнички е констатирано и пријавено во полициска станица дека директорката на ЦСР Неготино во придружба на директорката на Јавното комунално претпријатие Неготино, излегуваат и одат во домови на лица корисници на социјална помош во својство на претставници на политичка партија.

,,Активноста на директорката на ЦСР Неготино е спротивна на законските одредби кои повлекуваат кривична одговорност и се спротивни на наредбата на министерот во која строго се забранува службени лица во јавните установи за социјална заштита да истапуваат како партиски активисти и за време на работа и вон работно време и да  злоупотребуваат податоци за корисници на социјална помош во партиски цели и изборни таргетирања”, изјави Ременски.

Исто така, по добиени сознанија од медиумски прилог на невладината Цивил извршен е увид во Домот за стари лица во Прилеп. Записнички е констатирано дека, на дел од штитениците вработени лица им ги зеле личните карти, а кај други дека личните карти се кај нивни блиски роднини  на штитениците.

,,Во насока на спречување на секаков вид на манипулации со штитениците сместени во државните старски домови во Република Македонија до директорите доставивме известување во кое укажуваме на строгото почитување на правата на штитениците и недозволивото одземање на личната документација од страна на неовластено лице. Записнички е констатирано дека во старскиот дом во Куманово воопшто не е постапено согласно со одредбите од Изборниот законик за пријава за гласање ден пред датумот утврден за избори. Имајќи го во предвид сето горенаведено, до надлежните институции веќе доставиме соодветни пријави за утврдување на кривична одговорност за посочените лица и други лица по претходни пријави, а истовремено испративме допис до Државната изборма комисија и набљудувачката мисија на ОБСЕ во Република Македонија”, информираше Ташевска-Ременски.