Прекорени професионалци

(Одговор на Совет за етика во медиуми)

 

Почитувани,  сакам да Ви укажам дека како долгогодишен професионалец наводите за  претставката поднесена до Совет за етика од директорот на ОУ,,Ѓорѓија Пулевски“, Александар Филипчев, не само што ги отфрлив, туку не се согласувам ниту со Вашата констатација дека е прекршен членот 1 од Кодексот на новинари.

Нагласувам дека ова е најава за настан, за кој јас како новинар, не сум можела да претпоставам дека нема да се одржи. Од друга страна, бидејќи не станува збор за новинарски или авторски текст, во целост е заштитен идентитетот на посочените , кои требаше да бидат предмет на изнесени тврдења за злоупотреби од страна на неколку наставници во тоа училиште, што се гледа од текстот со наслов Вработените ќе протестираат… . Исто така, во текстот, кој повторувам, е најава за настан, се оградуваме од сите изнесени тврдења во дописот до порталот.

Дополнително, иако прес конференцијата не беше одржана, за што добив потврда и од директорот на училиштетео , кој ми се јави на мојот приватен телефон за да праша каде ќе се одржи , бидејќи , како што рече, тој е таму цело време и никој не се појавил, АКО.мк го објави неговиот демант на објавената најава, без имиња и презимиња.

Линк до
демантот на Филипчев.

Според заклучокот што го носите по претставката на засегнатата страна, би можело да се наметне правилото во иднина за сите најави за настани или прес конференции, да се бара став од некој засегнат кој би бил предмет на некоја најавена прес конференција.

Дали во тој случај кога се пренесува најава за прес конференција на некоја политичка партија која ја објавила темата за која ќе зборува, пред да се објават наводите на прес конференцијата, значи во фаза на најава, треба да се бара став од посочените лица на кои се однесува најавата? А верувам ќе се согласите со мене , такви примери имало и ќе има во новинарската пракса, и не верувам дека тие медиуми биле предмет на претставка или пак одлука од некое надлежно професионално тело.

На овој начин, Вие не доведувате во ситуација да се демотивираме и во иднина да не објавуваме никакви најави или претпоставки, и покрај тоа што ги запазуваме новинарските стандарди за оградување од наводите кои не се наши , но кои може да доведат до откривање на сериозни криминали или неправилности во нечија работа.

Како позитивен  пример, ќе Ви го посочам последниот случај со објавениот текст со анонимен извор, во кој порталот Нова ТВ изнесе многу сериозни тврдења и обвинувања и каде не се земени изјави барем на две од засегнатите страни. И покрај тоа, ова придонесе до обелоденување на голем скандал , како што знаете и Вие и пошироката јавност. Линк до текстот Фирма формирана во април единствена на тендер тежок 35 милиони евра .

Понекогаш, и Советот за етика во медиумите, како тело за саморегулација на новинарите и медиумите, треба да излезе од вообичаената шема за носење одлуки, што го забележав во овој случај, и да ги погледне работите во поширок контекст.

На овој начин, колку да е добра Вашата намера, на  професионалците кои се оставени на маргините од разни причини и кои се борат на медиумскиот пазар во нерамноправна борба и нелојална конкуренција, дополнително им ја отежнувате работата.

Некои, веројатно охрабрени од ваквите одлуки, ќе продолжат со заканите и вознемирувањето, без притоа да дадат одговори во јавноста за својата работа или постапки кои биле под некаков сомнеж.

Да завршам. АКО.мк како професионален медиум  ја испочитува и овојпат Вашата одлука ( Совет за етика), но ќе го задржи правото да ја објави оваа и секоја друга  реакција на Одговорниот уредник, со  која не се согласува и за која ќе смета дека му е повредено правото како новинар. Благодарам, со почит, Емилија Лазаревска