Прекрасен примерок на Рис фотографиран во Национален парк Маврово

Фотографија од Рис направена со помош на фотозамки во рамките на проектот за закрепнување на Балканскиот Рис кој се реализира во соработка со Македонско Еколошко Друштво, објави на својата ФБ страница Национален парк Маврово.

Рис фотографиран во Национален парк Маврово


Балканскиот рис сѐ уште е критично загрозен вид. Околу 50 возрасни единки живеат на територија на целиот Југозападен Балкан.

Во Македонија има најмногу, можеби 30-40 возрасни единки, додека ситуацијата во Албанија и на Косово е навистина критична.


– Се поставува и прашањето дали овие мали популации се конектирани или раздвоени, што дополнително би го загрозило нивниот опстанок од аспект на размножување во сродство. Во секој случај, нашите истражувања реализирани во националниот парк Маврово и околината се охрабрувачки и укажуваат на мал пораст на популацијата. Тоа е од огромно значење, бидејќи се работи за најзначајниот предел за балканскиот рис – изјави за Нова Македонија лани Диме Меловски, раководител на Програмата за заштита на балканскиот рис од Македонското еколошко друштво (МЕД).