Преку ,,Актор“ се испрани десетици милиони евра

-Третата истрага од најновите на СЈО– „Актор“ се отвора поради основано сомнение дека е сторено кривично дело при постапката за јавна набавка за избор на најповолен понудувач за градење на автопатот Демир Капија – Смоквица. Дополнително, оваа истрага се отвара и поради основано сомнение за перење на пари кои фирмата добитник на тендерот ги добила со злоупотребата во постапката на јавна набавка.

Имено, постои основано сомнение дека во 2012 година, во периодот кога се разгледувале и оценувале понудите на тендерот за градење на автопатот Демир Капија – Смоквица, првоосомничениот, како претседател на Владата, со цел во постапка на јавна набавка за избор на понудувач кој ќе го гради автопатот Демир Капија – Смоквица да не биде избран понудувач од Република Италија, кое правно лице според првоосомничениот во Република Македонија го претставува „комуњар“, и кое нешто воопшто не му се допаѓа, и повеќе му се „допаѓаат оние од југ“, искористувајќи го своето влијание, со умисла извршил поттикнување врз второосомничениот како министер за транспорт, кој го прифатил налогот и истиот ги поттикнал осомничените службени лица од Министерството за транспорт и врски на Република Македонија да ги искористат своите службени овластувања како членови на евалуационата комисија (комисијата за оценување на понудите) со право на глас одговорни за спроведување на евалуација и оцена на доставените понуди за проектот „Изградба на нова автопатска делница Демир Капија – Смоквица“ како дел од Пан-европскиот коридор X, и во изборот за најповолен понудувач да го фаворизираат правното лице „Актор “ од Грција.

Ова, според доказите и било реализирано, со што му овозможиле на правното лице „Актор СА“ да прибави противправна значителна имотна корист во износ од 480.412.974,00 денари.

Конкретно, постои основано сомнение дека во текот на постапката за спроведување на евалуација и оценка на доставените понуди, после отварањето на понудите, првоосомничениот остварил телефонска комуникација со второосомничениот и откако второосомничениот му кажал дека Италијаните се најевтини, побарал да се најде начин тендерот за автопатот да не го добијат Италијаните поради „лошата комбинација што комуњарот е во игра“, па второосомничениот како министер за транспорт и врски ги повикал во својот кабинет осомничените членови на евалуационата комисија со цел да го фаворизираат понудувачот „Актор СА“ Грција.

Истите, иако биле свесни дека понудувачот „АКТОР СА“ согласно доставената тендерска документација и според член 16 од Огласот за доделување на договор за јавна набавка не го задоволува критериумот и условот понудувачот да има еден завршен проект од 250 милиони евра во патниот сектор или еден проект кој што е во тек на реализација, а чија реализација заклучно до 31.12.2011 година е 60 процентно завршена и кој што износот од реализираното 60 отсто треба да не биде помал од 250 милиони евра, а поради кој услов и ја отфрлиле поефтината понуда на „Тото“ од Република Италија, се согласиле со барањето на второосомничениот, по што го злоупотребиле институтот на мнозинско одлучување и дале три позитивни мислења во табелите за евалуација и искористувајќи ја својата службена положба и овластување ја избрале понудата од правното лице „АКТОР“ со понудена цена од 210.148.177,23 евра, како економски најповолна понуда за проектот „Изградба на нова автопатска делница Демир Капија-Смоквица“ иако знаеле дека истото правно лице не ги задоволува техничките критериуми, со што му овозможиле на правното лице Актор СА да прибави значителна имотна корист во износ од 480.412.974,00 денари.

Меѓутоа, ова е само почетокот на криминалните дејствија за кои постои основано сомнение дека се извршени, односно кривичното право го познава како предикатно дело на делото перење пари, односно ова е само претходното дело од кое противправната имотна корист е предмет на понатамошната истрага за перење пари, која сега ќе ви ја презентирам.

Имено, постои основано сомнение дека во период од 2012 до 2016 година со повеќе дејствија, со искористување на ист траен однос и исти прилики, непосредно по добивањето на тендерот и започнувањето со градежните активности во Република Македонија, кои што ги презема „Актор“ АДТ Подружница Скопје, формирана од осомниченото правно лице „АКТОР СА“ Република Грција, со намера да ја сокрие целокупната добивка на осомниченото правно лице, која има третман на принос од казниво дело бидејќи паричните средства потекнуваат од незаконито добиениот тендер со кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, шестоосомничениот како одговорно лице на подружницата формирал група која се занимава со перење на пари и пуштање во промет пари кои се прибавени со казниво дело.

За таа цел ги поврзал во заедничко делување останатите пет осомничени, па сите дејствувајќи заедно како членови на група што се занимава со перење на пари од лични – лукративни побуди, со цел на прикривање на трагата на парите кои што се исплаќани на сметките на „Актор“ АДТ Подружница Скопје од незаконски добиениот тендер за изградба на автопат од Коридор Х и создавање на готовински пари, пуштиле во промет пари за кои што знаеле дека потекнуваат од казниво дело„Злоупотреба на службена положба и овластување“,.

Ова на начин што, шестоосомничениот како одговорно лице управител на подружницата на Актор АДТ Скопје, договорил трајна деловна соработка во вид на договор за вршење на подизведувачки работи со останатите осомничени одговорни лица како преставници на осомничените правни лица ГЛОБАЛ КОНСТРАКШН КОМПАНИ, ТОПОМЕТРИЈА ДООЕЛ СКОПЈЕ и ИНВИКТА БОРО ДООЕЛ Скопје, со единствена цел на пренос на парични средства од Актор АДТ Подружница Скопје кон правните лица Глобал Констракшн ДООЕЛ Скопје, Топометрија ДООЕЛ Скопје и ИНВИКТА БОРО ДООЕЛ Скопје.

Па така, во повеќе наврати се исплатени износи од сметките на Актор АДТ Подружница Скопје кон сметките на правните лица Глобал Констракшн Компани, Топометрија и Инвикта во вкупен износ од 31.856.811 евра.

Потоа, три осомничени лица искористувајки ги вработените лица во сопствените компании и искористувајки ја трајната основа на работниот однос на вработените развиле систем на паралелно ангажирање преку фиктивни договори за вршење на услуги и тоа, на вработени од Топометрија Дооел во правното лице Глобал Констракшн компани, и на вработените од Глобал Констракшн Компани во правното лице Топометрија, притоа договарајки нереално висок надоместок за услугата на вработените спрема реалната цена на трудот во дадениот временски период и која што веќе им била исплатувана од страна на правното лице во кое што истите веќе биле редовно вработени. За илустрација, еден работник без некои посебни квалификации, добивал и по 6 до 7000 евра месечи примања, а поквалификувани вработени и двојно повеќе.

Постои основано сомнение дека на тој начин, во повеќе наврати на десет редовно вработени лица во правното лице Глобал Констракшн компани од страна на правното лице Топометрија ДООЕЛ е исплатен износ од 699.000,00 евра во денарска противвредност, а од сметките на правното лице Глобал Констракшн Компани во повеќе наврати на десет редовно вработени лица во правното лице Топометрија ДООЕЛ Скопје е исплатен износ од 1.173 000,00 евра во денарска противвредност, кои што пари веднаш по самата исплата по претходна најава до филијалата во Неготино за обезбедување на доволно количество ефективни странски валути, биле конвертирани во странска валута – евра и во ист момент подигнати во готовина од страна на вработените, кои што готовински пари биле предавани на една од осомничените, која што понатаму ја прикрива локацијата на готовинските пари.

Во меѓувреме, во истиот временски период, од сметките на АКТОР АДТ Подружница Скопје кон сметките на Инвикта ДООЕЛ Скопје, искористувајки ист траен однос – договор за вршење на подизведувачки работи, биле исплатени пари во вкупен износ од 181.736.436,00 денари, околу 3 милиони евра, од кои што 35.777,951,00 денари околу 580.000 евра, веднаш по приливот во готовина му биле исплатени на осомничениот В С – основачот на правното лице – Инвикта Скопје по основ на дивиденда, по што се прикрива понатамошната локација и движењето на парите.

– со дејствијата опишани како предикатно дело прво и второсомничениот сториле по едно кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 в.в. со ст.1 и в.в. со член 23 од КЗ, а останатите осомничени едно кривично делоб – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 в.в. со ст.1 и в.в. со член 22 од КЗ

-со дејствијата опишани во вториот дел на истрагата осомничените сториле кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од 273 став 5 в.в. став 3 в.в. став 1 в.в. член 22 в.в. член 45 од КЗ.