Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, вчера во Охрид присуствуваше на отворање на новиот хотел во градот.

Поздравувајќи ги присутните гости, меѓу кои беа и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и претставници на локалната администрација со градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски, премиерот Заев упатати искрени честитки и желби за почеток на успешна и плодоносна работа на сопствениците и менаџментот на новиот туристичко-угостителски капацитет.

Во оваа прилика премиерот Заев рече дека оваа инвестиција е доказ дека веќе докажани компании влегуваат со своите инвестиции, помагајќи ја севкупната инвестициона активност во Република Македонија.

Тој во своето поздравно обраќање, истакна дека новите инвестиции се нова вредност во економијата. Како и тоа дека ова е потврда дека деловната клима се стабилизира и дека се отвораат можности за нови инвестиции, а со тоа и нови работни места.

„Ова е охрабрување за сите наши домашни инвеститори, градители, изведувачи, сето она што ќе го заработат да го остават овде во Македонија, за да им остават на наредните генерации подобри можности“, рече премиерот Заев.

Тој ги истакна заложбите и политичката волја на Владата на Република Македонија да гради партнерски однос со бизнис заедницата, преку редовна и интензивна комуникација за потребите на бизнисот и за унапредување на економијата.