По вчерашната средба со британската премиерка Тереза Меј во Скопје, македонскиот премиер денеска повторно престојува во Софија, на продолжението од ЕУ самитот.

На 18 мај 2018 година во Софија, Република Бугарија, на маргините на Самитот ЕУ – Западен Балкан, ќе се одржи и Виенскиот економски форум (ВЕФ), разговори во Софија 2018, под слоганот „Политиката се среќава со економијата“.

Виенскиот економски форум (ВЕФ) е основан во април 2004 година во Виена како бугарска иницијатива со цел промовирање на регионалната економска соработка меѓу земјите-членки на регионот од Јадранското Море до Црното Море. Во своите 14 години постоење, Виенскиот економски форум постојано ја проширува својата улога во регионот на Југоисточна Европа, како и во другите земји од ЕУ и земјите кои не се членки на ЕУ.

Целта на Виенскиот економски форум е да изгради мост помеѓу бугарското претседателство на Советот на ЕУ и следното австриско претседателство со Европскиот совет под мотото „Политиката се среќава со економијата“.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со владина делегација ќе учествуваат на Виенскиот економски форум, кој треба да овозможи директна размена меѓу демократски избраните политички претставници на Западен Балкан и високи претставници на регионалната и меѓународната економија, како и да развие дискусии за прагматична и интензивна регионална и економска соработка, соопшти владата.