Премиерот Заев смета дека министерот Заев е доволно храбар за економски реформи

Не стивнуваат бурните реакции по објавувањето на новиот состав на Владата, каде , како што објави вчера Заев, ќе има едно министерско место помалку, кое практично ќе го пополни лично премиерот.

Овој преседан во досегашната македонска политичка пракса, наметнува бројни прашања кои премиерот се обиде да ги објасни со себепромоција како човек за ,,храбри одлуки и решенија“.

Еве зошто Заев повеќе си верува себеси, отколку на Тевдовски или некоја друга личност како Министер за финансии.

„Оваа година ја прогласивме за година за економијата. Влегуваме во таа насока со сите перформанси. Тевдовски останува до мене, најверојатно како советник. Тој е член и на Извршниот одбор на СДСМ. Следуваат храбри решенија, храбри одлуки од кои бенефит треба да видат сите граѓани, во социјалниот дел, во делот на земјоделсвото, платите

Премиерот смета дека се решени сите големи политички прашања, (веројатно благодарејќи му нему), па сега затоа се зафаќа, лично тој, во костец со горливите економски прашања:

,,Кога веќе се решени сите големи политички прашања, останува да го дигнеме стандардот, и верувам дека во следните месеци ќе имаме можност да покажеме сериозни постигнувања во менаџирање на финансиските ресурси во државата. Можеби е несекојдневно, поинаку, но и многу други работи се случија несекојдневно и за други крупни и храбри одлуки што се донесоа во овој период, заради сплотување на нашето општество, заради решавање на крупните прашања со Бугарија и Грција, заради НАТО членството, заради датумот за преговори со ЕУ. Сите стратешки определби беа вредни заради економскиот стандард на нашите граѓани. И еве влегуваме во тој перформанс, сите заедно вградени комплетно, без штедење за да граѓаните ги почувствуваат придобивките“, истакна премиерот Заев на прашањето поврзано со преземањето на позицијата министер за финансии во новиот состав на Владата на РСМ.

Во продолжение на своето образложение на ова прашање, премиерот Заев ги соопшти приоритетите во делот на финансиите и економските политики, и нагласи дека ребалансот на Буџетот, ќе се донесе на почетокот на есента.

„Она што е важно е на 1 јули да почне враќањето на ДДВ-то за граѓаните. На сите оние што кубат коси им препорачувам да престанат со тоа, затоа што во нашата земја никогаш не се враќале пари. Сега кога враќаме, некој ќе добие 12, 15 илјади или 20… и ова е добро, дај Боже да вратиме колку што може повеќе. Но, дефинитивно до 50 милиони евра од Буџетот ќе се вратат кај граѓаните. Ако проектот успева, бројките ќе растат. Граѓаните ќе добиваат повеќе пари за да го организираат својот семеен стандард.  Главна задача во идниот период е порастот на платите. Не само кај здравството, и од 5 септември и кај голем дел од јавната администрација, туку сакаме да направиме и еден квантен скок на севкупното качување на платите. Ќе преземеме одредени конкретни чекори кои што ќе треба дефинитивно да го направат тој скок кон подобро на севкупните нето плати. Верувам дека до крајот на годината ќе имаме доволно финансиски капацитети за да ги покачиме и пензиите од 1 јануари идната година. Капиталните инвестиции се исто така многу значајни и во фокусот на вниманието и со сите механизми што ги имаме ќе заокружиме еден процес за да можат граѓаните директно да ја почувствуваат благосостојбата од тие промени“, изјави премиерот и иден Минисер за финансии, Зоран Заев.

Бура од реакции предизвика и неговата биографија како иден министер, доставена до Собрание:

,,Израснал во скромно, земјоделско и традиционално семејство. Почнувајќи од рана возраст, тој и неговиот помлад брат беа вклучени во семејниот земјоделски бизнис, како единствен извор на приход. Заев и неговиот брат (Вице Заев) беа воспитани да бидат вредни луѓе кои никогаш не ги одложуваат обврските и веруваат дека постои решение за секој проблем“-пишува во биографијата на Зоран Заев, притоа е нејасно зошто се спомнува неговиот брат како дел од перформансите за иден Министер за финансии.

„Зоран Заев беше средношколец кога Македонија ја стекна својата независност во 1991 година. Покажува афинетите за математика и беше опкружен со членови на семејството кои беа просперитетни бизнисмени, активни и почитувани во социо-политичката и економската сфера на македонското општество“, се наведува во биографијата.

Што се однесува до периодот кога стана лидер на СДСМ и претседател на владата, во биографијата стои дека Заев како опозиционер станал синоним за храброст и предводник на „борбата за правда, слобода и демократија“.

Како големи постигнувања на неговата влада, пак, се наведуваат намалувањето на невработеноста, решавањето на отворените прашања со соседите преку договорите со Бугарија и Грција, како и деблокадата на евроатланските интеграции. Текстот завршува со номинацијата на премиерот за Нобелова награда поради Преспанскиот договор.