Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и заменичката на претседателот во владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, заедно со Претседателот на Собранието на РСМ Талат Џафери, началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски и амбасадорката на САД Кејт Брнз, остварија средба со адмирал Џејмс Фого, командантот на американските поморски сили за Европа и Африка и командант на Здружените сојузнички сили во Неапол, која се одржа на носачот на авиони „Хари С. Труман“.

„Минатата недела во Лондон, осетивме што значи да се биде дел од семејството на земјите членки на НАТО. Бевме рамо до рамо со политичките лидери на Алијансата.

Со посетата на носачот на авиони „Хари С. Труман“, еден од најимпресивните репрезенти на моќта и на комплексниот систем за ефикасни оперативни задачи за одржување на безбедноста, мирот и сигурноста во светот и со средбата со адмирал Џејмс Фого, ја комплетираме сликата за најмоќната воено-безбедносна алијанса на светот и за припадноста на Северна Македонија во најсилниот систем на колективна безбедност што обединува речиси 1 милијарда граѓани од демократскиот свет. Најсилните земји во светот се наши сојузници, Северна Македонија е партнер и сојузник со сите нив“, истакна во изјавата за јавноста премиерот Заев.