Препорачал Груевски да се избегнува

,,Чарли Купчан препорачува да се избегнува”- ова стои во еден од хакираните мејлови на Хилари Клинтон и нејзините соработници што ги објавува Викиликс. Мејлот е преписка меѓу Џон Саливен и Џон Подеста од 21 јули 2015 година, во кој се спомнува барањето на Никола Груевски да биде поканет на Клинтоновата глобална иницијатаива. Груевски во тој период уште беше премиер.

Во преписката помеѓу Џон Подеста и Џејк Саливен, советник за надворешна политика за претседателската кампања на Хилари Клинтон, со датум од 21 јули 2015 година, се споменува барањето на тогашниот премиер Никола Груевски да биде поканет на собирот на Клинтоновата Глобална иницијатива (организирана од Клинтоновата Фондација формирана од поранешниот претседател на САД Бил Клинтон).

Подеста и Саливен споделуваат информација од политички советник во Фондацијата на Клинтонови. Тој ги информира дека некој од Кабинетот на премиерот на Македонија побарале да го поканат премиерот да учествува на Собирот. Но тие не го поканиле бидејќи, како што пишува порталот http://sdk.mk/СДК „тој веројатно ќе се повлече во јануари поради значајни притисоци“.

Во преписката се додава дека „Чарли Купчан ПРЕПОРАЧУВА ИЗБЕГНУВАЊЕ“.

Чарлс Купчан е специјален помошник на актуелниот претседател Барак Обама и виш директор за европски работи во Националниот совет за безбедност на Белата куќа. Тој на 15 април оваа година беше во Скопје и според соопштенијата од партиите, се сретна со четирите лидери – потписници на Договорот од Пржино, пишува СДК.

Протечената преписка на електронската пошта е од 21 јули 2015 година. Првиот договор од Пржино беше постигнат на 2 јуни, а вториот на 15 јули 2015 година.

Џон Подеста, шеф на изборната кампања на Хилари клинтон е роден Американец, но има и грчко потекло. Мајка му била Гркинка, а татко му Италијанец. Тој во преписката за Македонија вели ,,Јас уште ја викам ФИРОМ”.

И Јавниот радиодифузен сервис МРТ ојавува дека Македонија се најде во предизборието во Америка. Но, акцентот за истиот мејл го стваат на Џон Подеста, шефот на изборната кампања на Клинтон и неговата забелешка дека тој се ушта нашата земја ја вика ФИРОМ. Во пренесената информација на МРТ на нивниот интернет сајт не се спомнува клучната работа од преписката, препораката Груевски да се избегнува.

Инаку „Викиликс“ во континуитет ги објавува хакираните мејлови на претседателскиот кандидат на демократите Хилари Клинтон и нејзините соработници. Ова е четвртата серија, а од интернет сајтот на Џулијан Асанж велат дека имаат преку 20.000 илјади.

Од Изборниот штаб на демократите тврдат дека Русија стои зад кибер-нападот, но официјална Москва негира.

„Русија нема интерес во ова. Целта на оваа хистерија е да се пренасочи вниманието на американскиот народ од она што е објавено. Неважно е кој го сторил тоа. Важна е содржината на материјалите“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.

Шефот на кампањата на Клинтон го обвини основачот на порталот Џулијан Асанж за соработка со Доналд Трамп. Тој изјави дека не е случајност што упадот во неговата приватна сметка на G-mail се случил веднаш по објавувањето на видеото со скандалозни изјави на републиканскиот претседателски кандидат за жените.