Претплатникот Зоран Заев е веќе недостапен на старите телефонски броеви

По низата пропусти и непријатни случки во комуникацијата на премиерот Зоран Заев, неговиот кабинет соопшти дека премиерот веќе не може да се добие директно на некој телефонски број. Неговите мобилни телефони имаат други броеви. Но, не само на премиерот, туку ќе бидат променети и телефонските броеви на дел од лицата кои работат во неговиот кабинет.Исто така, по направена проверка, од блиското опкружување на Заев ќе бидат отпуштени некои од досегашните соработници и административни работници. Во соопштението од владата се вели:

,,Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и неговиот кабинет преземаат мерки за зајакнување на ефикасноста и безбедноста во спроведувањето на транспарентната агенда составена од состаноци, настани и комуникации.

Во тек е унапредување на протоколите и правилата за закажување состаноци и за спроведување на телефонски разговори во Кабинетот, со цел да се обезбеди високо ниво на проверки и заштити на комуникациите на претседателот на Владата.

Како дел од мерките за безбедност и внимателност во дигиталните и телефонските комуникации, во рамки на кабинетот на премиерот променети се дел од техничките уреди, вклучително и мобилните телефони и броевите на мобилните телефони на премиерот и на дел од неговите соработници. 

Премиерот направи и анализа на професионалноста и ефикасноста на ангажманите на своите советници и соработници, врз основа на што на дел од ангажираните лица ќе им се заблагодари за досегашната соработка. 

Согласно најавата за одлучно спротиставување и справување со дезинформации и со напади врз демократијата во земјата, Кабинетот на премиерот подготвува План за одлучна акција против ширење дезинформации чија прва верзија наскоро ќе биде претставена на јавноста, а потоа и консултирана со засегнатите чинители и со стратешките партнери на земјата.

Премиерот Заев и Кабинетот се посветени на унапредување на отворениот и транспарентен начин на работа, во согласност со безбедната употреба на новите технологии и со протоколите кои произлегуваат од современите начини на менаџмент и управување“-стои во соопштението.

Заев беше дел од измама речиси една година. Двајца руски комичари кои му се претставиле дека се украинскиот претседател Порошенко, во тоа време, разговарале повеќе пати со него на неговиот мобилен телефон.

Заев потоа се извинуваше по соседството за изнесените информации и квалификации во јавно објавените разговори.