Со видео обраќање, претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ и изрази поддршка на Република Македонија за успешен референдум, во кој граѓаните на 30-ти септември ќе одлучуваат за својата европска иднина.

Таа истакна дека Хрватска силно нѐ поддржува, сега кога се соочуваме со многу важна одлука за претстојниот референдум.

„Вие припаѓате во фамилијата на ЕУ и НАТО, а Хрватска е спремна да ви помогне на тој пат, со тоа што ќе го споделиме нашето искуство. Ова е можност да придонесете кон целовкупната стабилност и напредок во југоисточна Европа.

На крајот одлуката е Ваша и само ваше право. Ние ќе ве поддржиме во сите ваши напори“, вели во своето видео обраќање за поддршка претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ.

„Во недела ќе одлучувате за вашата судбина и за судбината на вашите деца и внуци. Ќе одлучите според вашата совест, како што вие мислите дека е најдобро за вашата иднина и иднината на вашите деца“, порача претседателот на Словенија, Борут Пахор и изрази поддршка на Република Македонија за успешен референдум на 30-ти септември.

„Како Ваш пријател, сакам да ви кажам, тоа е моја оцена дека за Македонија, за ЕУ, за Европа, за сите нас, а најмногу за вас, најдобро е да го поддржите Договорот и со тоа широко да ја отворите вратата за Европската унија и НАТО алијансата“, истакна во своето видео обраќање претседателот Пахор и додаде дека на овој свет ништо не е идеално, вклучувајќи го и овој Договор, затоа разбира дека има дискусии и мерења за тоа кој е право, а кој не.

„Во Словенија исто така поминавме низ таква тешка одлука и се најдовме на историски важна раскрсница да им дадеме предност на храбрите одлуки, на зрелите одлуки. Одлуките со кои и отворивме врата на иднината, и нас не ни е жал за тоа.

Верувам дека ќе сакате да донесете одлука со која на Македонија широко ќе и се отворат вратите кон иднината. Ние сме ви големи пријатели, навиваме за вас, се надеваме на најдоброто.

Во недела ќе бидеме со вас, ќе ве носиме во мислите. Се најдобро, среќно Македонија!“, вели претседателот на Словенија, Борут Пахор во видео обраќањето за поддршка на претстојниот референдум.