Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и неговата сопруга Маја, денеска во Вила Билјана во Охрид, го примија Марко Пејчиноски кој го преплива Охридското езеро.

На средбата со младиот Марко претседателот Иванов рече дека овој негов херојски подвиг заслужува големо внимание и почит и претставува позитивен пример и мотив за сите млади и талентирани.

– На свои дванаесет години Марко е европски и светски шампион кој покажа извонредна храброст, пожртвуваност и упорност својствени за врвните спортисти. Ти си наша заедничка гордост. Ти посакувам уште многу идни спортски успеси со кои ќе се гордее Република Македонија, рече претседателот Иванов.

Марко се заблагодари за поддршката од македонскиот претседател и рече дека благодарејќи на вербата во Бога и поддршката од неговото семејството успеал да преплива 25 километри во лоши временски услови.

Честитајќи за извонредното достигнување на Марко, македонскиот претседател порача дека треба сите безрезервно да го поддржиме и да помогнеме во неговиот натамошен спортски развој, соопшти Кабинетот на Претседател на РМ.