Претседателот на Судски совет се плаши од апсење

Претседателот на Судскиот совет, на драматична прес конференција, на која ги повикал и претседателите на судовите, со треперлив глас бараше помош, плашејќи се дека СЈО со повикување на судии за донесени одлуки им ја урива независноста , известува Сведок.

Зоран Караџоски, пиејќи вода по секое поставено новинарско прашање, од кои многу ги оцени како „несериозни“ рече дека се почувствувале загрозени, во прашање бил доведен угледот на судиите, со тоа што СЈО повикало пет судии на распит од Управниот суд.

Како што веќе е познато, СЈО во една од првите истраги објави дека поведува постапка против Советот во Управниот суд кој направил злоупотреби при одлучувањето за изборите во Општина Центар.

Караџоски рече дека на „прес-конференцијата“ ги повикал амбасадорите на САД, ЕУ, Италија, Германија, Велика Британија, франција, за да „им плесне в лице“ дека одредени структури (конкретно СЈО и медиумите) вршат невиден притисок врз судството, но не му е јасно зошто се појавил само претставник на Американската амбасада, но не и другите.

-Можеби наша грешка е што ги известивме доцна- си најде оправдување Караџоски.

Тој ги цитираше сите европски и меѓународни документи за независноста на судството, и порача дека биле изложени на влијание од медиумите, но независно на сите притисоци, нивната борба за зачувување на интегритетот ќе продолжела, како и нивната борба која ќе продолжела.

Но, прес конференцијата „запна“ кај новинарските прашања, па Караџоски немаше одговор, на прашањето на СВЕДОК зошто не реагираше Судскиот совет во сите случаи кога Обвинителството за организиран криминал обвини и уапси десетина судии, или за апсењето на прекршочните судии, како и во примерот од струга, каде што се обвинети три судијки, се носи два пати ослободителна пресуда а постапката трае со години.

-Тоа било порано – беше одговорот на Караџоски.

Како несериозно го оцени нашето прашање дали ја продолжил праксата на неговата претходничка Александра Зафироска да се јавува кај премиерот и да рефереира каде треба да изберат судија.

На наше инсистирање да даде одговор дали се јавува и кај кого, рече: -Не, јас нема потреба да се јавувам никому.

Не одговори на прашањата како може УБК да не спроведува судска наредба и дали на тој начин не се нарушува судскиот интегритет, бидејќи не можел да коментира изјави од телевизија, а во меѓувреме слушнал и други изјави дека УБК соработува со СЈО.