Претседателот Пендаровски му го додели мандатот на Зоран Заев за состав на нова Влада

Претседателот, Стево Пендаровски, повикувајќи се на Уставот, му го врачи мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и на коалицијата ,,Можеме“, како политичка сила со најмногу освоени пратенички мандати.

Во рок од 20 дена, СДСМ и Заев мора да обезбедат парламентарно мнозинство. Во спротивно, мандатот ќе го добие следната политичка партија со најмногу пратенички места.

Заев вети дека ќе состави модерна и просперитетна Влада и дека ќе се посвети на основните општествени вредности.

Тој рече дека нашата држава ќе добие стабилна Влада со европски пат.

Почитувањето на трите клучни договори, Преспанскиот, со соседна Бугарија и Охридскиот рамковен договор, се трите столба за европската иднина на РС Македонија, вели Заев.

Лидерот на СДСМ искажа уверување дека порано од 20 дена ќе успее да обезбеди парламентарно мнозинство.

Рече дека прва задача сепак ќе биде борбата со пандемијата Ковид 19.