Претседателот Стево Пендаровски, денеска се дружеше со децата кои играат во серијата Зоки Поки , која се снима во режија на Александар Поповски.

,,Детството со сигурност е најубавиот период од сечиј живот. Дружењето со талентираните дечиња, главните ликови од тв серијата Зоки Поки ми беше потсетник дека треба да ја негуваме креативноста уште од најмала возраст. Во разговор со режисерот на серијата, Александар Поповски ме информираше дека серијалот ќе биде составен од 10 епизоди и ќе се емитува напролет. Целта на серијата, како што вели Поповски, е да едуцира, да забавува, да ги врати изгубените вредности кај младите, но и да ги врати повозрасните во детството. Се надевам дека децата ќе уживаат гледајќи ги доживувањата на Зоки Поки и неговата дружина“-информираше Претседателот.

Книгата ,,Зоки Поки“ од писателката Оливера Николова е составен дел од генерации деца, кои ја читале како задолжителна лектира во основно училиште.

Таа е многу повеќе. Зоки Поки стана синоним за маалско детско дружење и играње, за нераскинливите врски во текот на целиот живот кои остануваат и откако ќе пораснеме.