Претседателските избори ќе се одржат на 21 април, кандидатите сѐ уште непознати

Претседателот на Собрание на РМ, Талат Џафери, го потпиша Решението за распишување на шестите претседателски избори и Решението за распишување на предвремени избори за градоначалник на Општина Охрид, Општина Ново Село и Општина Дебар. Изборите ќе се одржат на 21 април.

Решението за распишување на изборите ќе биде доставено до Државната изборна комисија како орган за спроведување на изборите.

,,Секои нови избори се можност за надградба на добиената позитивна оценка од претходните. Патот за НАТО и ЕУ интеграциите е трасиран. 30-тото столче во НАТО е веќе наше, сега останува одговорна и посветена работа на исполнување на неопходните критериуми за добивање датум за почеток на преговорите со Европската Унија.

Во периодот кој доаѓа, Република Македонија ќе го полага тестот  на капацитетот и зрелоста. Фер и демократски избори се еден од условите по кои ќе нè вреднуваат и оценуваат. Затоа, ги повикувам сите учесници во претстојната претседателска изборна трка, политички партии и Вас, граѓаните, да направиме максимални заложби Република Македонија да добие уште едни избори какви што и доликуваат на европска, демократска држава, заради остварување на стратешките евроатлантски аспирации на државата и заради доброто на граѓаните. Апелирам до сите учесници во изборниот процес да се однесуваат онака како што налага Уставот и законските норми, а надлежните институции да направат сè, денот на изборите да помине во мирна, демократска и свечена атмосфера“-рече Џафери.

Јас сум уверен дека сите вклучени во изборниот процес ќе го дадат својот придонес изборите да поминат во мирна и демократска атмосфера. Граѓаните се единствениот легитимен авторитет кој има право да одлучи кој ќе ја добие честа и одговорноста да биде 6-от претседател на Република Македонија.