Приведени две лица за нападот врз 17-годишниот З.Т на автобуската постојка “Рекорд“ во Скопје

Денеска (04.03.) од страна на полициски службеници при СВР Скопје се приведени Р.А. (18) од Скопје и К.Т. (18) од с.Љубин, скопско во врска со нападот врз 17- годишниот З.Т. од Скопје на 01.03.2018 на автобуската постојка “Рекорд“ во центарот на Скопје, во кој на З.Т. му беше нанесена убодна рана со остар предмет во пределот на стомакот. Овој случај е расчистен, напаѓачите се идентификувани, и против нив по целосно документирање на настанот ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави. Ова денес на прес конференција во МВР го истакна директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Лазе Велковски.

По низата оперативни мерки и активности, во рамки на кои што беа собрани материјални докази, а беше разговарано со повеќе лица, очевидци на настанот, утрово приведени се две лица – Р.А. (18) од Скопје, К.Т. (18) од с.Љубин, скопско, кои што во целост го признале делото, додека по третото лице Б.Н. (15) од Скопје се трага и по него е распишан централен распис.

На денешната прес конференција, директорот Велковски ги информираше медиумите дека се целосно расчистени и двете разбојништва во експозитурите: на “Шпаркасе“ банка во ТЦ “Буњаковец“ во Скопје од 28-ми минатиот месец во кое што беа одземени 7.990 евра и 490.548 денари, и во експозитурата на “Халкбанк“ во Гостивар од 02-ри овој месец кога беа одземени околу 2.000.000 денари. Во првиот случај осомничени се лицата Б.Т. (51), Д.Ј. (42) и И.К. (42), инаку познати сторители на имотни и други деликти, при што Б.Т. веќе има и изречени затворски казни во вкупно траење од 25 години. Осомничените Б.Т. и Д.Ј. во текот на вчерашниот ден беа лишени од слобода во ПСОН Куманово, и Б.Т. е веќе пренесен во КПУ Идризово, додекака пак, за Д.Ј. е одредена мерка притвор во траење од 30 дена. По третиот осомничен И.К. во моментов се трага и за него е распишан централен распис. А, во вториот случај осомничен е 37 годишниот А.Б. од село Неготино, гостиварско, кој што е приведен и заедно со целокупниот документиран материјал и со кривичната пријава за кривично дело – “разбојништво“ е предаден на надлежен Јавен обвинител при ОЈО Гостивар, којшто му одреди 48 часовно задржување.