Привремено запрена можноста за барокнизирање на ГТЦ

Уставниот суд засега го запре преслекувањето во барок на ГТЦ, Македонската опера и барок (МОБ) и Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ (НУБ), откако Владата лани во јули ги прогласи за објекти од посебен интерес и и ги одзеде ингеренциите на Општината Центар за нив.

Уставниот суд на вчерашната седница со мнозинство гласови одлучи да поведе постапка за испитување на уставноста на член 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, според кој овие објекти се прогласуваат за објекти од посебен интерес заради изработка на планско урбанистичка документација за нив-пишува Утрински Весник.

Истовремено Судот донесе и привремена мерка запирање на сите активности на Владата за каква било активност додека не биде донесена одлука за член 50, кој е оспорен во целост.

Според овој член, Владата може без никакви критериуми и по своја волја да донесе одлука да прогласи објект од посебен интерес и да го видоизменува, доградува, преправа. За овие објекти, Општината нема никакви ингеренции, а плановите за нив ги прави државната Агенција за планирање на просторот, документацијата ја изготвува Министерството за транспорт и врски, а одобренијата за градење не ги дава Општината, туку Градот Скопје.

Иницијативата пред Уставен суд ја поднесе граѓанската асоцијација „Го сакам ГТЦ“ предводена од Даница Павловска–Циги со поддршка на уште најмалку девет невладини организации.

„Оваа убава вест е само навестување на конечните одлуки што допрва треба да ги чекаме од Уставен суд. Иницијативата за ГТЦ е прифатена, тоа значи дека постапката е отворена. Но, она што е важно, е изречената привремена мерка, а тоа е она што го спасува ГТЦ. Привремената мерка не дозволува од овој момент натаму да се применува тој член – прогласување ‘објекти од посебен интерес’“, вели Павловска за Утрински.

Според неа, до овој момент, во однос на катастарските парцели и планот Владата има донесено одлука дека тоа е простор од посебен интерес.