Привремено стопирани отпуштањата во Утрински весник

Менаџментот на МПМ попладнето преку одговорната уредничка Соња Маџовска им соопштил на новинарите и други вработени во весникот дека засега нема да има отпуштања. Но, сите опции остануваат во игра, меѓу кои и до петок вработените сами да се пријават доколку сакаат да си заминат од Утрински.

Дел од новинарите кои ги контактиравме се сомневаат дека ова е само купување време, бидејќи менаџментот се интересира само за намалување на трошоците и редуцирање на кадарот.

Тие не нудат решенија, туку бараат решенија од вработените.

Како што веќе информиравме, вчера на новинарите им беше соопштено дека мора да се намали бројот на вработени, а на одговорната уредничка и беше дадена задача сама да направи список. Во спротивно весникот ќе згасне.

По реакциите во јавноста и на новинарската заедница, менаџерскиот тим на чело со Срѓан Керим и Јана Станисављева реши привремено да го одложи решавањето на егзистенцијалното прашање на новинарите.

ЗНМ на прес конференција изнесе став дека не смее да има веќе отпуштања на новинари, побара сите да застанат во нивна заштита и искажа сомнеж дека не е случајно што токму пред избори се оди на варијанта укинување на еден од ретките медиуми каде може да се прочита професионално опсервирање на ситуацијата во земјата.