Прилепска наставничка исклучена од СОНК заради учество во герила акцијa

 

Стручниот наставник во СОУ „Ѓорче Петров“- Прилеп, Петра Лукароска, е исклучена од членство во синдикалната организација на СОНК-пишува портало Публикум.

Таква одлука донесе Советот на СОНК во чие образложение стои дека Лукароска се исклучува, „поради груба повреда на член 19 од Статутот на СОНК, а во врска со постапка јавно направена на 11-ти октомври 2016 година пред седиштето на СОНК, како дел од учесниците на протест организиран од една од политичките партии во државата“.

 

Како граѓански активист, Лукароска беше дел од герила акција одржана пред седиштето на СОНК во Скопје, каде со истакнување транспаренти до раководството на Синдикатот беа упатени неколку прашања.  

„Воопшто не станува збор , како што велат од СОНК,за партиски настан, што впрочем може да се види од фотографиите на кои нема партиски обележја на ниту една политичка партија, туку за герила акција на група граѓански активисти. Доколку навистина се грижеа за угледот и авторитетот на највисокото раководство и на целата организација, тогаш наместо да дискутираат за моето исклучување, Јаким Неделков и Советот на СОНК требаше да одговорат на поставените прашања. Меѓу другото беа должни да кажат зошто во Прилеп вработените во образованието септемвриската плата ја зедоа на 29-ти октомври?“, реагира Лукароска.

Таа вели дека углед и авторитет не се градат со исклучување на своите членови заради јавно поставени прашања до раководството на СОНК, туку со грижа за вработените, за нивните права, за решавање на проблемите во образованието и редовно исплаќање на платите.

За селективниот пристап на СОНК при санкционирањето на своето членство, постојат низа примери. За разлика од овој случај каде Советот на СОНК без ниту еден доказ ја обвини Лукароска за учество во протест организиран од политичка партија, на Јаким Неделков и неговите соработници не им пречи кога високи претставници на синдикалните организации, со видливи партиски обележја, учествуваат во партиски активности на владејачка партија. Таков е случајот со претседателот на Регионалниот одбор на СОНК од Прилеп, Златко Думбалоски, кој е активен член и редовен учесник на сите партиски збиднувања кои ги организира партијата на власт.

На донесената одлука за нејзино исклучување, Лукароска нема право на жалба.

Извор Публикум