Прилепски ,,Комуналец“ ги објавува несовесните на ,,Ѕид на комуналниот срам“

Јавното комунално претпријатие ,,Комуналец“ од Прилеп, на својата ФБ страница ги објавува сите несовесни постапки во областа на комуналната сфера на жителите на овој град.

Објавите се проследуваат со директни пораки до несовесните сторители и со фотографии.

,,Ова е веќе прилепски срам“-стои во јавната објава на ,,Комуналец“ за несовесната и незаконска постапка на прилепски бизнисмен, кој сиот градежен жут од реновиран локал го истурил во контејнерите наменети за комунален смет.

,,Утрово, контејнерите зад Бизнис центарот наменети за исфрлање на отпад за станарите, ги преполнил бизнисмен со градежен шут кој туркал зидови и реновирал простории. Иако, како комунално претпријатие постојано апелираме, а веруваме дека станавме и досадни по однос на градежниот шут, за кој се нарачува контејнер од 5м3, а кој чини 1360.оо ден, или трактор, кој со превоз до депонија чини 630.оо ден. Сепак, овој ,,бизнисмен,“ кој викендов реновирал дуќани од илјадници евра, одлучил градежниот шут да го исфрли во контејнерите за мешан комунален отпад, и заштедил 1360,оо ден.

Хидрауликата и механизмите на специјалните возила за подигање на ваков вид на контејнери не се правени да подигнат градежен шут. Со ова, ,,бизнисменот,“ предизвика оштетување на контејнерите, нивно рачно истурање, 4 часовна работа на работниците за претоварање во трактор и две тури транспорт до депонија. Или, двајца работници, еден тракторист и комунално возило беа ангажирани за несовеста од поединци. За заштеда од 1360 ден. покрај материјалната штета, остана несработен половина реон од ангажманот на работниците, шоферот и превозното средство. Оваа тури-претури работа, стана секојдневие за комуналците. Вреди ли!?“-прашуваат од ова комунално претпријатие.

Истиот ден ,,Комуналец“ од Прилеп објави втор прилепски бизнисменски срам.

,,Околу 14.00 часот (вчера), добивме известување од работниците од терен дека не е можно да подигнат два контејнери кај стара автобуска станица затоа што се преполни со отпад од градење“-се вели во објавата а во прилог на тоа и фотографии.

Во истиот ден се украдени садниците засадени претходниот ден во населбата Точила.

,,Ние како ,,Комуналец“ решивме да се справиме со ваквата појава. Не дека ни е драго да пишуваме и пријавуваме за вакви проблеми, едноставно мораме да ги заштитиме вработените, уништувањето на комуналната инфраструктура и трошење на пари со години за сметка на бизнис секторот и граѓаните кои градат, и немаат 1360 ден. да платат за контејнери од 5м3 дизајнирани за намена тежок и габаритен отпад“-велат од прилепски Комуналец.

Извор: ЈКП ,,Комуналец“-Прилеп

АКО.мк