Притвор за Рахиќ и осомничената криминална група

Надлежен истражен судија на Сеад Рахиќ и останатите петмина членови на осомничена криминална група за поседување и препродажба дрога им одреди по 30 дена притвор.

Како што соопшти вчера МВР, во текот на 2016  и 2017 година  била следена криминална група организирана од Сеад Рахиќ која делувала на подрачјето на Град Скопје и надвор од градот, а продавале  дрога кокаин за цена од ‎3000-4500 денари за едно пакетче.

Кокаинот е набавуван од непознато лице од Србија во помали количина, заради полесен и побезбеден транспорт.

Вчера во акција на полицијата беа уапсени неколкумина меѓу кои и братот на поранешен член и пратеник на СДСМ Есад Рахиќ, што пак предизвика различни реакции во јавноста.

ВМРО ДПМНЕ запраша дали СДСМ знаеле за активностите на братот на нивниот партиски член, а дел од јавноста, адвокатот на Рахиќ, како и неговиот брат Есад обвинија дека се работи за политичка хајка.