Притисоци, кршење на изборниот молк и закани

 

 

Во една општина, директорот на училиштето му забранил на еден вработен, тој и целото негово семејство, да се појави на гласање утре. Според ова сведоштво, тој „не бил сигурен гласач“. На расправијата меѓу директорот и вработениот, присуствувале и други вработени во институцијата-известува невладината ЦИВИЛ.

Од почетокот на изборниот молк, до ЦИВИЛ стасале околу триесет извештаи од изборните набљудувачи, како и десетина пријави од  граѓани, за кршење на изборниот молк и притисоци врз гласачите. Се забележува дека политичките партии се однесуваат слично, ако не и полошо во споредба со претходните изборни процеси.

Во с. Подареш, општина Радовиш, во тек е изградба на пат, што претставува кршење на изборниот молк. Иста ситуација е нотирана и во с. Миравци, општина Гевгелија.

Вработени во една скопска општина во моментов организирано се јавуваат кај гласачите и вршат агитација и притисок, според извештајот од мобилниот набљудувач на ЦИВИЛ.

Истото го нотира и набљудувачот од с. Матејче, општина Липково, кој јавува за кршење на изборниот молк од страна на две политички партии во ова село.

Во текот на изборниот молк, во населбата Маџари, скопско, се појавил печатен материјал со црна кампања против опозицискиот лидер Зоран Заев во кој пишува дека тој ќе ја кантонизира Македонија.

Во Ново Лисиче, осамнаа знамиња на ВМРО-ДПМНЕ на бандерите во екот на изборниот молк.

Набљудувачи од Кичево јавуваат дека во Општинската изборна комисија владее хаос и дека на некои членови на Избирачките одбори не им е дозволен пристап до просториите каде што се средува изборниот материјал, не се знае кои болни и изнемоштени ќе гласаат, а постојат и индиции дека се гласа во име на друг.

ЦИВИЛ повторно ги повикува сите актери во изборниот процес да престанат со притисоци врз гласачите, а граѓанките и граѓаните ги повикуваме да продолжат со своите пријави за нерегуларности, притисоци и поткуп, при што нивната анонимност, како и секогаш, ја гарантираме во целост.