Собранието на доверители денеска со големо мнозинство по втор пат го прифати инвестицискиот план на ГСОЛ и подружницата Еуроникел за насоките кои Фени индустри треба да ги преземе, по завршувањето на стечајниот процес. Со денешното гласање, Фени Индустри е само еден чекор од конечното повлекување од стечај.

По позитивното гласање од Собранието на доверители, судот исто така се очекува да го потврди планот со одлука.

– Помина една година откако Фени отиде во стечај, а во изминатите 10 месеци откако ГСОЛ/ Еуроникел потпиша договор за обработка на никел, не само што обезбедивме континуирано функционирање на фабриката, туку и во пракса покажавме дека го поседуваме потребното знаење, средства и ресурси кои се неопходни за фабрика како ФЕНИ да преживее, но уште поважно да продолжи да ја развива и да ја креира својата иднина , изјави Маркос Камхис, директор на ГСОЛ.

Со реализацијата на планот за реорганизација ќе започне проширување на производството, почнувајќи од отворањето на втората печка и неопходната надградба на производството.

-Нашиот план ќе се фокусира на зголемување на производството, отворање нови пазари, обезбедување сигурност за вработените и враќање на Фени на европската и светската карта како еден од најголемите процесори на фероникел, вели Герасим Кујунџиев, директор на Еуроникел ДООЕЛ Скопје.

ФЕНИ успеа да остане отворена, вработените и добавувачите да бидат платени, а економијата на земјата да има корист од над 100 милиони долари извоз во текот на последните 10 месеци од стечајниот процес. Еуроникел, македонската подружница на ГСОЛ успешно ги обезбеди финансиските, техничките и природните ресурси потребни за производство на никел, во тесна соработка со стечајниот управник и стотици вработени и добавувачи на Фени.