Милан Радоичиќ, еден од лидерите на Српска листа и близок соработник на српскиот претседател, Александар Вучиќ, според обвинението на обвинителството во Приштина, е првоосомничен за убиството на опозицискиот лидер Северна Митровица, Оливер Ивановиќ.

Косовскиот Министер за правда во оставка, Абељард Тахири издаде меѓународна потерница по него.

Во соопштението се неведува дека Радоичиќ се сомничи како организатор и наредбодавач на убиството на Ивановиќ пред просториите на неговата политичка партија во Митровица во јануари минатата година.

Претставници на Српската листа, најголемата партија на Србите на Косово, чиј потпретседател беше Радоичиќ, со поддршка на владејачката Српска напредна странка на Александар Вучиќ во текот на изборите пред две години, водеа интензивна медиумска кампања против Ивановиќ. Го клеветеа и обвинуваа дека е лажго, предавник, нечесен човек и дека го нарушува достоинството на Србите.

На медиумите се емитуваа видео спотови во кои тој беше означен како предавник.

Оливер Ивановиќ



Српска Листа понесе убедлива победа на локалните избори во октромври 2017 година. Ивановиќ тогаш рече дека во услови на заплашување на гласачите не може да се каже дека тоа биле вистински избори. Тогаш во интервју за Н1 телевизијата тој изјави дека се сомнева дека некој сака да го убие.

Ивановиќ во притвор помина речиси три години откако му се судеше за воени злосторства врз Албанците во 1999, за што беше осуден на 9 години затвор. Оваа пресуда никогаш не е потврдена, а Ивановиќ истакна дека се работи за монтиран политички случај и дека тој не е одговорен за делата за кои го сомничат.

Во интервју за БИРН кое се објави по смртта на Ивановиќ, тој зборува за Радоичиќ како за човек кој го држи подземјето во Косовска Митровица.

Претседателот на Србија, Вучиќ, за Радоичиќ во јавноста зборуваше како за пример за борец за опстанокот на Србите на Косово, изјава која што Ивановиќ ја оцени загрижувачка. Овој дел од интервјуто Ивановиќ замолил да не се објавува, но на новинарите им порачал да го запаметат тоа име. А човекот со тоа име, Радоичиќ Милан, лице од подземјето сокриено во сенка, во јуни лани станува потпретседател на Српската листа.

Само неколку месеци потоа, откако беше посочен какко еден од осомничените за убиството на Оливер Ивановиќ, илегално ја преминува косовско-српската граница и бега во Србија, каде најаверојатно се наоѓа и сега.