Продолжен престој во училишта, игротеки, долгометражни филмови сѐ по протокол за Ковид 19

Владата донесе нови одлуки во врска со функционирање во време на пандемија.

Одобрена е организацијата на продолжен престој на учениците во основните училишта за одделенијата кои ќе започнат настава со физичко присуство, со препорака продолжениот престој да се организира и реализира со ученици од иста паралелка и од исто одделение, без мешање на различни паралелки и одделенија.

Владата ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести да отпочнат со работа дневните центри за лица со попреченост со стриктно почитување на мерките и веќе усвоениот протоколот за работа на дневните центри во услови на епидемија со КОВИД-19.

На предлог на Комисијата, Владата го усвои предложениот протокол и препорача отпочнување со организација за снимање со долгометражни филмови, со почитување на мерките за спречување на ширење на КОВИД-19 инфекција.

На седница е усвоен и протоколот за работа на игротеките во услови на епидемија со КОВИД-19 и препорача строго почитување на мерките за спречување на ширење на КОВИД-19 инфекцијата и усвоениот протокол при вршење на дејноста. Одговорноста за целосно спроведување на одредбите од протоколот е обврска на вршителите на дејноста.

Владата го усвои извештајот на Комисијата за давање согласности за организирање настава со физичко присуство во училиштата за барањата на основачите доставени во периодот од 25.09.2020 до 29.09.2020 година.

Извештајот на Комисијата е на следниот линк http://vlada.mk/sites/default/files/img/izvestaj_za_vlada_7_29092020.pdf на веб страницата на Владата.