Продолжува разузнавачко-политичката сага

Во понеделник во Основен суд Скопје 2 на судско рочиште по граѓанска парница, треба да почне процесот по тужбата  за клевета поднесена од Али Ахмети и Муса Џафери.

Тие го тужат поранешниот разузнавач Слободан Богоевски за искажани тврдења дека зеле мито за Маџар Телеком за што се води судски процес пред њујоршкиот суд за фаворизирање на пазарот , со што е нанесена штета на други компании и на њујоршката берза.

Според сведочењето на Богоевски за њујоршкиот суд во 2014, со службен владин автомобил  биле донесени седум и пол милиони евра во Македонија  од Грција. Парите биле наменети  за поткуп на тројца политичари – тогашниот премиер Владо Бучковски, како и на лидерот на ДУИ, Али Ахмети и тогашниот вицепремиер Муса Џафери.

-За таа изјава Ахмети и Џафери ме тужат на граѓански суд за граѓанска одговорност дека сум ги наклеветил. Рочиштето е в понеделник. Дојдете да го гледате тој циркус бидејќи судот го сметаат за нивна партиска експозитура – изјави   Богоевски за некои медиуми.

Вицепремиерот за рамковни прашања, Муса Џафери, за Порталб изјави дека подготвува кривична пријава против поранешниот шеф на тајната полиција Слободан Богоевски, за неговите обвинувања дека тој и лидерот на партијата, Али Ахмети, се вмешани во скандалот за „Маѓар телеком“.

„Обвинувањата против мене, кои се однесуваат дури и на организирање убиства, се сериозни и тешки. Станува збор за прашања од лична природа и ќе тужам . Тој ќе мора сите овие работи да ги докаже пред нашите институции“, изјави Џафери.

Во сведочењето на Слободан Богоевски пред њујоршкиот суд тој во целиот случај  го спомнува и обидот за убиство на Абдилхалим Касами од ДУИ , а затоа го обвинуива поранешниот вицепремиер Муса Џафери.

Во  деталите од сведочењето стои дека парите биле земени во готово од вилата на грчкиот бизнисмен Кондоминас во близина на аеродромот во Атина. На неколку пати, со владин автомобил  биле префрлени во Македонија. Богоевски тврди дека тука бил вклучен и влијателен албански бизнисмен. Дел од парите се однесени во куќата на  Касами, тогаш задолжен за финансии во ДУИ. По последната исплата тој  бил застрелан , но починал дури после 6 години  од  трајните последиците што ги здобил од атентатот. Касами наводно не добил ништо од овие пари, па кога побарал и тој нешто од милионите евра, според Богоевски, по наредба на Џафери, било пукано во него.

Пред избивањето на оваа афера, претходеше апсење на Богоевски, беше обвинет за незаконска продажба на земјиште и осуден, а во меѓувреме откако одлежа дел од казната пуштен на слобода.

Во меѓувреме Слободан Богоевски дава контроверзни изјави и интервјуа, постојано предизвикувајќи политички земјотреси, обвинувајќи ги првите луѓе на ВМРО ДПМНЕ за криминал, проневери,трговија со дрога.

Во сите негови обелоденети афери клучна место има грчкиот бизнисмен Кондоминас против кого во Грција се водат низа судски постапки за финансиски измами.