Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска имаше свое обраќање на свечениот настан на кој Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и долгогодишниот партнер на Република Македонија УНДП (Програмата за развој на ОН), ја потпишаа Годишната програма за вработување.

Премиерот Заев истакна дека Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика веќе го спроведуваат новиот Оперативен план за 2018, со комбинирање на мерки и услуги, чија основна цел е да се поврзат капацитетите на невработените, со профилите кои се бараат од страна на бизнисот.

„Поддршката и помошта што ни доаѓаат од УНДП се многу значајни за Македонија и нашите граѓани. Оваа година УНДП ќе го поддржи спроведувањето на три мерки од Оперативниот план на активни мерки за вработување кои ќе имат за цел да го помогнат претприемништвото, воспоставувањето на локални партнерства и новиот модел на обуки за занимања и вештини кои ја зголемуваат вработливоста и создавањето на квалитетни работни места.

Овие мерки се исклучително важни. Социјалната и економската инклузија мора да се одвива паралелно со реализација на приоритетите на Владата за економнски раст и развој, со креирање на нови работни места и со зголемување на конкурентноста на пазарот на труд“, порача премиерот Заев во своето обраќање.

Постојаната претставничка на УНДП во Република Македонија, Луиза Винтон на промоцијата на оваа програма за вработувања потврди дека продолжува поддршката партнерскиот однос на УНДП и на Владата на РМ во креирање на работни места во приватниот сектор преку промоција на претприемништвото и развој на вештини според потребите на пазарот на трудот.

„Нашите напори во овој сегмент изминатата декада резултираа со отворање на околу 10.000 нови работни места. Благодарение на подготвеноста на актуелната Влада да адресира повеќе ресурси во борбата против невработеноста и да го отвори пазарот на трудот, за оваа 2018 година поставивме уште по амбициозни цели“, истакна Постојаната претставничка на УНДП, Луиза Винтон.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска во своето обраќање зборуваше подетално за мерките и новитетите што Оперативниот план на активни мерки за вработување ги обезбедува.

„Тоа што е различно од претходните оперативни планови и што дава подобар ефект е тоа што мерките се прилагодени на потребите на работодавачите, на потребите и квалификациите на младите и ранливите групи и има можност за поврзување на мерките, што досега не беше случај. Значи имате можност да поминете обука, преквалификација или доквалификација и веднаш потоа да користите друга мерка што значи директно вработување. Дадовме можност мерките да ги користат и социјални претпријатија, но и граѓанските организации, бидејќи знаеме дека голем број млади луѓе се неформално вработени во овие организации и сега имаме можност за нивна формализација. И ниту една од овие мерки не значи ослободување од придонеси за здравствено и социјално осигурување, затоа што ние сме одговорна Влада, која што се грижи за иднината на фондовите и за идните генерации“ потенцираше министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска инфомираше за степенот на реализација на мерките од Оперативниот План за вработување и информираше дека забележителен е голем интерес за мерките и додаде дека во соработка со Владата на Република Македонија, доколку има потреба, ќе се обезбедат и дополнителни средства за да се зголеми опфатот на невработени лица.

„Најголем интерес е пројавен за мерката за субвенционирање на плати, каде веќе се поднесени апликации од 900 работодавачи за вработување на 1158 лица, а од страна на невработените лица се поднесени 965 апликации за учество“, соопшти директорката Јовановска.

По обраќањата, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, Постојаната претставничка на УНДП, Лиуза Винтон и директорката на Агенцијата за вработување ја потпишаа годишната програма за вработување и изразија силни уверувања за нејзина успешна реализација.