Продолжува судењето на Груевски и групата за нарачаните шлаканици и демолирањето на ,,Центар“

Петти обид да продолжи процесот за предметот на СЈО ,,Шлаканици за Жерновски“, откако судијката Татјана Михајлова на изминатите рочишта го одолговлекуваше судењето, а на последното го прекина и го одложи заради недоразбирање со обвинителките Фатиме Фетаи и Катица Јанева. Михајлова ги казни заради непочитување на судот, а Советот на обвинители на нејзино барање се произнесе дека обвинителките го прекршиле етичкиот кодекс и побара нивно изземање.
Поранешниот премиер Никола Груевски е обвинет за организирање на насилствата во општина Центар и за нарачка на шлаканици за градоначалникот Андреј Жерновски. Во овој процес обвинети се и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште 12 нарачатели и извршители на насилствата.
На минатото рочиште, кое се одржа на 20 февруари, Михајлова не ја почна главната расправа затоа што им изрече казни на обвинителките Катица Јанева и Фатиме Фетаи од по 1.000 евра, вкупно за двете 4.000 евра, за навреда и според неа, за непочитување на Судот. Потоа го прекина судењето.
Јанева и Фетаи  на почетокот бараа  збор за да реагираат дека Михајлова во записникот од претходното рочиште направила груб фалсификат во записникот и за тоа најавија кривична пријава за фалсификат и за други кривични дела против неа.