,,Прометеј“ од Нови Сад ја објави прозната книга ,,Каприча“ од Томислав Османли

Под двосожниот наслов „Збир-ка-прича“, во превод на Зоран Ж. Пауновиќ, збирката раскази „Каприча“ на македонскиот писател ја  публикуваше „Прометеј“, неодамна прогласена за најдобра издавачка куќа во Србија.

                Угледното книгоиздателството „Прометеј“ од Нови Сад го објави преводот на српски јазик, на прозната книга „Каприча“ од Томислав Османли. Книгата која во Србија се појавува под игривиот, двосложен наслов „Збир-ка-прича“ го носи поднасловот „Елегии и гротески – апсурди во проза“. Српското издание на оваа бележита прозна книга на Османли донесува дваесетина куси и долги раскази, од кои дел авторот ги објавувал во наштата, како и во  периодиката на поширокиот регион, почнувајќи од објавата на книгата во издание на „Магор“ од Скопје во 2009, се’ до поново време. Преводот од македонски го реализира Зоран Ж. Пауновиќ, кој живее и работи во Белград, инаку редовен соработник на српските изданија од книжевни творби на Османли.

                Книгата на Османли претставува иронично видување на карактери и на феномени од животот кои според елегичното но и хуморното, саркастично авторско доживување, само навидум стојат зад границите на реалното. Неговите прозни „каприча“, инаку проследени со авторовиот избор на илустрации од познати автори на сликарството, графиката и стрипот, изразуваат една подлабоко, ирониски и авториронски доживувана стварност . Своите елегично и хумористично интонирани раскази, Османли ги именува „апсурди во слободен стил“.  

                Инаку, новосадското книгоиздателство „Прометеј“ под раководство на главниот уредник Зоран Колунџија, е една од најреномираните издавачки куќи во соседна Србија. Тоа се покажа и на неодамнешниот 63. Меѓународен Саем на книгата во Белград, на којшто ова куќа свечено беше прогласена за најдобар српски издавач, што изминатиов декември беше потврдено и со наградата на Нишкиот саем на книгата, а деновиве, и со наградата  Најдобар српски издавач која ја доделува Библиотеката на градот Белград.

                По романите „Дваесет и првиот“ (издание на „Дерета“, Белград, 2014 ) и „Зад аголот“ („Албатрос плус“, Белград, 2017) и двете проследени со позитивни одгласи и оцени во тамошните медиуми, ова е трета прозна книга која македонски автор ја објавува во престижната српска книжевно-издавачка средина, и кај реномиран издавач.  

                Книгата „Збир-ка-прича“, српското книгоиздателство „Прометеј“  ја објавува со поддршка на македонското Министерство за култура.