Во Скопје во салонот 19:19 беа промовирани двете нови авторски драмски дела на македонскиот писател Томислав Османли.

Срочени во една книга со наслов ,,Нови драми“, двата нови драмски текста на Османли, двете нови пиеси, во голем дел , покрај на македонски, се веќе преведени и на турски, албанскки и грчки, како придонес на преведувачите , пријатели на Османли, кои покрај секвенците на овие јазици , потребни за пиесите, го преведоа и останатиот дел од нивната соджина.

Новата книга на Османли со два драмски текста, ја промовираа Ферид Мухиќ, Глигор Стојковски и Ристо Лазаров, кој се чини со неговото писмо испратено од Чешка по овој повод, посебно допре до чувствата на Османли, кој топло му се заблагодари за искреното и како што рече, за првпат отворено искажано мислење меѓу двајца долгогодишни пријатели, колеги и соработници.

Ви го пренесуваме целото писмо од Ристо Лазаров до Томислав Османли, кое е и рецензија на втората пиеса од книгата ,,Нови драми“:

Драг Томи, 

Eте, се стрефи, баш на јавното претставување на твоите нови драми, меѓу нив и прекрасната пиеса ,,Враќање дома” јас да не сум дома и за враќањето дома троа да размислувам и од јабана. И да, не ми е сеедно што е така – толку што бев вдлабен во пиесата, толку што врвот на којшто се искачува таа се болува, а болот оди кон врвот, ама – дома. Сеедно што епохата на безумијата што лулеат во мракот и нé притискаат со сета сила, е универзална. Сакам да речам: универзално одвратна.

            Тукушто почната прашка есен е. Ја препрочитувам пиесата, а ваму, чувствувам дека една по една, некогаш потајум, некогаш среде силно светнат ден (оној ден, Рациновскиот, нашиот) ми се отвораат фиоките на сеќавањата. Во нив здиплен цел еден работен век, што на различни места – од ,,Млад борец” до ,,Телма” – го поминавме заедно. Завидливците нека си ги гризат ноктите, ние имаме со што да се гордееме. ,,Млад борец”, на пример, беспоговорно е посебна, високо плодоносна лоза во македонскиот новинарски и интелектуален живот: на прсти се бројат оние што не поминале низ страниците на овој весник, прв на македонски јазик, во времето кога имаше новинарство и кога имаше интелектуален живот. Се гордеевме што бевме во колоната на оние на кои им беше поважно повеќе да дадат, отколку да земат. Му се спротивставувавме и го ишкавме со сé што имавме, сивото време на осредноста. Како што сега ги исмејуваме снобовите и класата на новокомпонираните богаташи. Не се криевме: секогаш му излегувавме на мегдан на нашето банално секојдневие. Во нашата скала на вредности саемите на луксузни автомобили никогаш не беа поважни од саемите на книги и делата на нашите најголеми и најнадарени творци.

           Во сиот вриеж на животот, од кога знаеш за себе, ти настојчиво го носиш во себе Скопје, таа твоја трајна и вечна љубов, внимателно ги наслушнуваш и страстно ги бележиш сите негови пулсирања, па и оние, никаквите, што го унакажаа и го унакажуваат градот.

            И една друга твоја константа: ти секогаш си бил да бидеш поинаков, всушност таков каков што си – подалеку од празните вребаџии, подалеку од ганговите, кои повеќе ја милуваат милоста на власта отколку наклонетоста на читателите или гледачите. Твојoт богат, all-round, творечки придонес секогаш предизвикувал внимание, како непогрешливи мерници на времето и на уметничките домети. И тогаш кога креваш глас против сивиот, лажен и побеснет живот, а за живот достоен и достоинствен, скроен по Маркс, живот со боја на хуманост и човечност, во кој луѓето нема да се мерат по тоа колку дрпнале или стекнале низ кривите врвулици на неолибералниот капитализам.

           Се радувам што и тука, кога сме раздалени, те чувствувам како незаобиколлив собеседник, како остварен творец секаде каде што се пробал, како човек што непогрешливо чекори во своето време, знаејќи длабоко што всушност е ВРЕМЕТО.

            Се разбира, има уште многу фиоки во кои се кријат скапоцени спомени, но вечерва, сепак, и е посветена на ,,Враќањето дома”, па ќе се обидам да кажам нешто и ,,на темата”, сеедно што тоа веќе го направив и на страниците на книгата што вечерва се промовира. И од човек кој ги дише длабините на времнето – ценетиот професор Ферид Мухиќ.

            Веднаш ќе кажам:   пиесата ,,Враќање дома” на Томислав Османли е извонредно, чудесно испрепелетување не кругот, поточно на венецот на времињата – не толку далечни (а минати и запаметени) и времињата сегашни, по кои се пекало во времињата минати. Судир на две времиња, на главниот колосек на живеачката. Скок во височина: од искривоколчената декада и ерата на безумието, во просторот на нормалноста? Сетики летвичката не е наместена превисоко?

            ,,Враќањето дома” е пиеса со отворени, ококорени очи. Носталгичните навеви тука се попатни и крајпатни. Во преден план е отвореното (треба ли да се рече критичко?) соочување со смачканото парче, кое можеби требало да биде најубаво, од животот. Нешто во духот на теркот на Ибзен, кој беше рекол дека суштинска задача на писателот е да го види, а не само интелектуално да го сфаќа времето и животот.

            Пред нас имаме пиеса која можеме да ја наречеме и пиеса – крик. Самиот крај е такво крешчендо: крик во полза на тоа да се заборави се (иако немаме право на тоа) и се да оди во мајчина му (имаме право и на посочни пцовки). Нека се подвлече уште еднаш: крик, а не офкање. Крик налик на оној како сам кога си на врв сува рида, со надеж, проклета надеж, дека никогаш не е залудно да крикнеш, еве, од пекање по она што било убаво. Со длабока свест за тоа дека немаме право ,,да измислуеме минато, да не си ја бришеме прошлоста, како никаде и никогаш да не постоела. Имаме на што да се сеќаваме”. Баш како што сега имаме што да заборавиме, час побргу.

            Во погледот на авторот, шеснаесет пати истопорен храбро пред налетот на епохата на безумието, е слеан и погледот на гледачот (читателот). Тој не е збунет, напротив, наоѓа еден виз издишка во тоа што во ,,Враќање дома” и самиот се гледа таков каков што е, и тој е во клокотот на своето време, тој сосе своите блиски и и најблиски.

            ,,Враќањето дома” е и изострена слика за опасноста од вгенздувањето во живеачката на една навика на животот во несигурност. Помирување со дубината, беспомошна рамнодушност – не, напротив. Секогаш на ум да се има: веќе спомнатиот крик е изнедрен од настаните и сака да мава по нив, како небеска секавица. Се подразбира: секавицата на бунтот ги разорува полињата на кои ,,мангупи од нашето време” насилнички ја сеат илузијата дека нема излез од вејавицата што не зафатила. Нешто друго нема – нема тунел без излез, како што нема и застрашувања од штедрото расфрлање на илузии за безизлесноста. Што не значи, од друга страна, дека нема и реална свест дека сме никој и ништо, ако не сме сите заедно, во купчето на заедничката иднина.

            Ова е пиеса во која горчливо и болно збучи, благодарејќи за преживеаната деката на безумието, прашањето: дали градот во кој си ги поминал најубавите мигови од животот треба само да се сака, а не и да се живее во него?

            Пиесава е пишувана и се однесува на едно пореметено, во секој поглед исчашено време. Време во кое веќе станува тешко да се разликува доброто од злото, ползата од штетата. Време во кое секоја планина баш и не си ја знае својата тежина, а камилата својата грпка. Ние сега го живееме времето на заминување, не прво, но не и толку масовно на нашиот народ. Со верба дека штом има заминување, има и враќање.

            ,,Враќање дома” е пиеса која секој ден, колку што ќе одминува времето, ќе го проширува кругот на сеќавањата – наши и на новите поколенија. Османли одважно гаѓал во центар и за тоа искрено треба да му се честита. Честитките овој пат јас му ги испраќам на овој начин, од далеку – но тие уште повеќе ја потврдуваат нашата блискост и сплотеност и верувајте, ми изгледаат поискрени, баш од срце. Срдечни поздрави и Вам, поклоници на неговото дело, присутни на свечениот чин на промоцијата на ,,Нивите драми” на Томислав Османли, со најубави жедлби и надеж поскоро да се видиме сите збрани по повод некое ново дело на Томи.

Срдечно Ваш,

Ристо Лазаров,

од Прага на 23 септември 2019.

Томислав Османли со своето ново книжевно дело ,,Нови драми“

Двете драми се со различна содржина, едната со историска, другата со современа тема, но и двете имагинативно се придвижуваат, од една страна темите на страста, на мочта, на гордоста, и на суровоста на мултикултурноста на Балканот, а од друга страна на современата, тивка агресија и заборавените вредности што ги тера младите да заминуваат од земјата.

Во новите драми на Османли се појавуваат сугестивно обликувани универзални ликови и впечатливо доловени локални, анонимни карактери на обичните мали луѓе.

За ако.мк Емилија Лазаревска